ЗАВРШИ ЛЕКУВАЊЕТО ВО БЕЛГРАД Отпуштени и последните двајца пациенти повредени во пожарот во Кочани

Тој информираше дека вкупно 17 лица со повреди од пожарот, кој се случи на 16 март, беа примени во Ургентниот центар во Белград. Сите пациенти успешно го завршија лекувањето.

ЗАВРШИ ЛЕКУВАЊЕТО ВО БЕЛГРАД Отпуштени и последните двајца пациенти повредени во пожарот во Кочани
Фото: Принтскрин социјални мрежи

Последните двајца пациенти повредени во пожарот што избувна во дискотеката во Кочани, денеска се отпуштени од Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС) во Белград.

Станува збор за Ангела Бошковска (24) и Андреј Георгиев (23), кои беа хоспитализирани на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Според информациите на медиумите, двајцата млади пациенти попладнево ја напуштија белградската клиника, а понатамошниот третман ќе го продолжат во Македонија. Тие изразија длабока благодарност до медицинскиот персонал за грижата и пожртвуваноста во текот на нивното лекување.

Во име на официјално Скопје, благодарност до српските лекари и целиот тим од УКЦС упати и амбасадорот на Македонија во Србија, Никола Тупанчевски.

Директорот на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС, д-р Милан Стојичиќ, изрази благодарност до српските и македонските власти за соработката и постојаната комуникација за време на лекувањето на повредените.

„Изразувам искрена благодарност до македонските власти и до амбасадорот Тупанчевски кој секојдневно беше во контакт со нас и се грижеше за состојбата на пациентите. Денеска ги отпуштаме последните двајца пациенти кои беа лекувани по трагичниот настан во Кочани“, изјави д-р Стојичиќ.

Тој информираше дека вкупно 17 лица со повреди од пожарот, кој се случи на 16 март, беа примени во Ургентниот центар во Белград. Сите пациенти успешно го завршија лекувањето.

„Горди сме што сите повредени преживеаја и беа згрижени со највисоко ниво на медицинска грижа“, додаде д-р Стојичиќ.

CATEGORIES
Share This