МАКЕДОНИЈА ЧЕКОР ПОБЛИСКУ ДО МУНДИЈАЛОТ Реми со фаворизираната Белгија

Македонските навивачи се надеваат дека избраниците на селекторот ќе продолжат во ист ритам и ќе се доближат уште поблиску до остварување на сонот - пласман на Светското првенство.

МАКЕДОНИЈА ЧЕКОР ПОБЛИСКУ ДО МУНДИЈАЛОТ Реми со фаворизираната Белгија
Фото: Принтскрин

Фудбалската репрезентација на Македонија продолжува со позитивната низа во квалификациите за Светското првенство, откако на домашен терен избори реми против силната селекција на Белгија со резултат 1:1.

Гостите први дојдоа до водство преку Максим Де Кипер, кој во 28-та минута го отвори резултатот на Националната Арена „Тоше Проески“. Тоа беше единствениот погодок во првото полувреме, кое заврши со предност за Белгијците.

Македонија ја засили играта во второто полувреме и успеа да ја врати рамнотежата. Во 48-та минута, Бојан Илиевски го затресе противничкиот гол, но погодокот беше поништен поради офсајд. Сепак, во 87-та минута, по одлична акција, Езѓан Алиоски погоди за израмнување и голем бод за македонската селекција.

Иако натпреварот заврши без победник, Македонија покажа карактер, квалитет и срце. Елмас и Алиоски погодија по еднаш во стативата, две ВАР-ситуации и неколку спорни одлуки од судијата Каванаг беа на штета на нашата репрезентација. Но тоа не ја спречи Македонија да одигра одличен натпревар.

Бевме рамноправни, а во делови од мечот и подобри од Белгијците, кои не ја оправдаа улогата на фаворити. Се чини дека оваа Белгија е далеку од нивото и квалитетот што го имаше пред неколку години.

По трите одиграни кола во групата Ј, Велс води со седум бода, Македонија е на втората позиција со пет, Казахстан има три од два меча, Белгија има еден бод од еден натпревар, додека Лихтенштајн останува без освоен поен.

Во следното коло, Македонија ќе патува во Астана каде ќе се соочи со Казахстан, додека Белгија ќе ја пречека селекцијата на Велс. Македонските навивачи се надеваат дека избраниците на селекторот ќе продолжат во ист ритам и ќе се доближат уште поблиску до остварување на сонот – пласман на Светското првенство.

CATEGORIES
Share This