СЛОВАЧКА СО НОВ КУРС Парламентот ја отфрли политиката на санкции кон Русија
Во резолуцијата се наведува дека словачките претставници во меѓународните организации и договори на кои Словачка е членка, не треба да поддржуваат воведување нови санкции против Русија.

Парламентот на Словачка усвои резолуција со која официјално ја отфрла политиката на санкции и трговски ограничувања против Руската Федерација. Предлогот, поднесен од владејачката Словачка национална партија (СНС), доби поддршка од мнозинството пратеници присутни на денешното гласање.
Според претседателот на парламентот, Рихард Раши, на седницата биле присутни 76 пратеници, од кои 51 гласале „за“, еден бил „против“, а 23 се воздржале.
„Овој предлог беше усвоен“, изјави Раши по гласањето.
Во резолуцијата се наведува дека словачките претставници во меѓународните организации и договори на кои Словачка е членка, не треба да поддржуваат воведување нови санкции против Русија.
Наместо тоа, од нив се бара активно да се залагаат за мерки што ќе придонесат за стабилизација на енергетскиот пазар, намалување на нестабилноста на цените и заштита на стратешките економски интереси на државата.
Иницијативата беше поднесена од СНС, која е дел од актуелната владејачка коалиција, а се оценува како чекор во насока на променет пристап на Словачка кон надворешната политика и економските приоритети, со посебен фокус на енергетската сигурност и трговските односи.


