СОБРАНИЕТО СТАНУВА БУНКЕР ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ Сите пратеници подржаа закон за забрана на протести пред Собранието

Очекувањата се дека предлог-законот ќе биде ставен на гласање наскоро, а неговото донесување ќе значи суштинска трансформација на јавниот простор околу една од клучните институции во државата.

СОБРАНИЕТО СТАНУВА БУНКЕР ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ Сите пратеници подржаа закон за забрана на протести пред Собранието
Фото: Национал

Сите пратенички групи во Собранието постигнаа согласност просторот околу законодавниот дом да се прогласи за безбедносна зона, со што ефективно ќе се забранат протестите и јавните собири пред зградата на Собранието. Освен тоа, ќе се воведе и забрана за градежни активности во блиската околина, што значи дека ќе отпадне и проектот за катна гаража на приватен инвеститор кој требаше да се гради во непосредна близина.

Во Собранието беше поднесен предлог-закон за прогласување на безбедносна зона, по скратена постапка, со потписи од седум пратеници: Африм Гаши, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Борислав Крмов, Блерим Беџети, Весна Бендевска и Блерим Ќоку. Законот веќе е во втората фаза од законодавната процедура.

Предлогот предвидува низа сериозни ограничувања во периметарот околу Собранието, меѓу кои забрана за протести, јавни собири, летови со дронови, како и забрана за градежни зафати и поставување инфраструктура. Како што е наведено во образложението, целта е да се обезбеди непречено функционирање на институцијата и да се зголеми безбедноста на пратениците, вработените и објектот на Собранието.

„Со прогласувањето на просторот околу Собранието за безбедносна зона ќе се овозможи слободен пристап за пратениците, владините претставници и вработените во собраниската служба, а истовремено ќе се спречи искористување на овој простор за активности кои не се поврзани со функционирањето на законодавниот дом“, стои во образложението.

Овој законски предлог доаѓа во чувствителен политички контекст, обележан со зголемени тензии и зачестени протести пред Собранието, што предизвика остри реакции во јавноста и од страна на граѓанските организации. Тие предупредуваат дека мерките може да значат сериозно ограничување на уставно загарантираните права на граѓаните, пред сè правото на јавен протест.

Дополнителен мотив за донесувањето на ваков закон, како што се наведува, е спречување на реализација на приватен градежен проект во непосредна близина на Собранието. Станува збор за парцела што пред 12 години ја купи компанијата „Анго“, со намера на неа да изгради катна гаража. По долг период на неактивност, компанијата повторно ги активираше градежните планови минатата година, што ги подгреа и јавните реакции.

Очекувањата се дека предлог-законот ќе биде ставен на гласање наскоро, а неговото донесување ќе значи суштинска трансформација на јавниот простор околу една од клучните институции во државата.

CATEGORIES
TAGS
Share This