БАЧЕВ ОТКРИВА ТРИ АДУТИ ПРОТИВ БУГАРСКАТА БЛОКАДА Што може да преземе Македонија?
За нивно успешно спроведување, меѓутоа, неопходно е да се исполнат три основни претпоставки.

Македонија има на располагање најмалку три начини за надминување на пречките што Бугарија ги поставува во пристапниот процес и за остварување на правото на формално започнување на преговорите со Европската Унија. Ова го оценува професорот по меѓународно право и лидер на Единствена Македонија Јанко Бачев во изјава за „Национал“.
Според Бачев, Македонија има правно признато право да бара пристапување кон Унијата, особено по донесувањето на заклучоците на Советот на ЕУ и усвојувањето на Заедничката изјава на Европскиот совет во март 2020 година, со кои беше отворен патот за започнување на пристапните преговори.
Сепак, и покрај овие документи, земјата се соочува со блокади и условувања од Бугарија, а во моментов не постои очигледен фактор што би можел да го промени воспоставениот статус кво во спорот.
„Бугарија бара промена на македонскиот Устав со цел внесување на Бугарите во него, додека Македонија бара гаранции од Европската Унија дека по исполнувањето на обврската за уставни измени нема да се соочи со нови условувања од бугарска страна во следните фази од пристапниот процес. Ставовите на челниците на ЕУ, пак, се сведуваат на тоа дека такви гаранции не можат да се дадат, ниту, пак, некогаш биле давани“, оценува Бачев.
Тој смета дека, и покрај ваквата состојба, на Македонија и стојаст на располагање најмалку три можни начини за отстранување на пречките што ги поставува Бугарија. За нивно успешно спроведување, меѓутоа, неопходно е да се исполнат три основни претпоставки.
„Прво, потребно е постоење политичка волја кај Македонија да истрае на ставот за одбрана на националниот интерес. Второ, неопходна е изработка на солидна правна стратегија заснована врз трите начини до кои дојдов во моето истражување за надминување на бугарските пречки. И трето, потребно е правилно лобирање“, наведува Бачев во изјавата за „Национал“.

