СТАТИСТИКА: Над 89 илјади лица без работа, а повеќе од 103 илјади работат неформално

Стапката на невработеност во третото тримесечје изнесувала 11,2 проценти, додека бројот на вработени достигнал 708.182 лица. Загрижува и податокот дека над 103.000 лица работат во неформалниот сектор.

СТАТИСТИКА: Над 89 илјади лица без работа, а повеќе од 103 илјади работат неформално
Фото: Принтскрин

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, бројот на невработени во периодот јули – септември е намален за 0,5 проценти во однос на претходното тримесечје, а за 2,4 проценти споредено со истиот период минатата година.

Активното население во земјава броело 797.775 лица, од кои 708.182 биле вработени.

Бројот на вработени бележи раст од 0,4 проценти во споредба со третото тримесечје од 2025 година. Стапката на активност изнесувала 52,4 проценти, додека стапката на вработеност достигнала 46,5 проценти.

Статистичките податоци покажуваат разлики и во структурата на вработените и невработените според полот. Од вкупниот број невработени лица, 62,1 процент се мажи, а 37,9 проценти се жени. Слична е состојбата и кај вработените, каде што мажите учествуваат со 57,6 проценти, додека жените со 42,4 проценти.

Во третото тримесечје од годинава биле евидентирани 103.177 неформално вработени лица, што претставува зголемување од 2,1 процент во споредба со претходното тримесечје. Најголем дел од нив, односно 56,4 проценти, биле ангажирани во земјоделството, шумарството и рибарството, додека 16 проценти работеле во градежништвото.

Од Државниот завод за статистика посочуваат дека сезонските активности во овие стопански дејности имаат значително влијание врз кварталните промени во неформалната вработеност.

CATEGORIES
Share This