НАМЕСТО САМО СО ЗНАМЕТО – Ахмети и Џафери се фотографираа пред картата на „Голема Албанија“
Лидерот на ДУИ и поранешниот премиер Талат Џафери ја одбележаа годишнината од Денот на албанското знаме со фотографија зад карта на т.н. Голема Албанија, која опфаќа територии од Македонија и уште четири балкански држави.

Али Ахмети и Талат Џафери се фотографираа пред карта на т.н. Голема Албанија по повод 28 Ноември – Денот на албанското знаме.
Станува збор за националистички територијален концепт кој, покрај Албанија и Косово, опфаќа делови од Македонија, Србија, Црна Гора и Грција. Во различните верзии на картата од Македонија се вклучени Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Кичево, а во некои и Скопје.
Фотографијата ја придружува честитка на Џафери, во која тој зборува за национално единство, зачувување на идентитетот, јазикот и националните вредности.
„Црвено-црното знаме останува симбол на нашето единство, отпор и достоинство“, напиша Џафери, повикувајќи и на меѓусебно почитување, правда и еднаквост.
Сепак, во честитката поранешниот премиер и претседател на Собранието не објаснува зошто за одбележувањето на празникот избрал фотографија пред карта на т.н. Голема Албанија, наместо фотографија само со албанското национално знаме.

