ПО 180 ДЕНА ПРОТЕСТ Студенти и професори најавија формирање партија

По шест месеци протести, иницијаторите најавуваат политичко организирање со фокус на правда, транспарентност и мерливи резултати.

ПО 180 ДЕНА ПРОТЕСТ Студенти и професори најавија формирање партија
Фото: Принтскрин

Група студенти, професори, експерти од различни професионални области и претставници на албанската дијаспора најавија формирање нова политичка партија во Албанија под името „Обединети за Албанија“, објави денеска „Политико“. Иницијаторите велат дека нивната цел е да создадат нова политичка сила која ќе ги обедини граѓаните околу модел на управување заснован на правда, стручност, одговорност и транспарентност.

Претставничка на студентската група изјави дека иницијативата произлегува од протестите што се одржувале во изминатите 180 дена. Според неа, новото движење треба да им понуди на граѓаните институционална платформа преку која ќе можат да бараат конкретни промени, наместо незадоволството да остане само на улиците. За разлика од традиционалните политички партии, „Обединети за Албанија“ најавува дека нема да создава програма зад затворени врати и далеку од граѓаните. Наместо тоа, своите приоритети ќе ги дефинира преку директни средби, консултации и разговори со населението во градовите и селата.

Особен акцент иницијаторите ставаат на мерливоста и контролата на ветувањата. Секоја најавена мерка, како што посочуваат, ќе мора да има конкретна цел, јасно утврдена одговорност, проценети трошоци и рок за реализација, а јавноста ќе има увид во постигнатите резултати.

„Ние не даваме ветувања, туку поставуваме стандарди. Секој наш напор ќе има мерлива цел, одредена одговорност, трошок и рок. Јавно ќе го следиме постигнувањето и ќе вршиме контрола. Доколку не постигнеме нешто, ќе објасниме зошто и ќе покажеме како ќе го исправиме“, порача претставничката на иницијативата.

Во движењето, покрај студентите, се вклучени и универзитетски професори, како и луѓе со професионално искуство од различни области. Во тек е собирањето потписи потребни за формализирање на новата политичка организација.

Од „Обединети за Албанија“ најавуваат дека во наредните денови ќе започнат со средби со граѓаните низ земјата, на кои ќе ги претстават своите идеи и ќе ги соберат потребните потписи. Најавени се и дополнителни јавни настапи на кои ќе бидат обелоденети повеќе детали за организацијата и нејзините следни чекори. Иницијаторите упатија повик до граѓаните да се приклучат на новото политичко движење, испраќајќи порака за заедништво и политичко обединување.

„Ги покануваме сите Албанци да ни се придружат. Сите обединети за Албанија“, порачаа од иницијативата.

CATEGORIES
Share This