ШТЕТА НЕМА ДА ТРПИ ВЛАДАТА, ТУКУ ОБРАЗОВАНИЕТО Јаневска бара Собранието итно да ги усвои трите закони за високото образование

Министерката предупреди дека без новата законска рамка ќе трпи образованието, а не Владата. Трите закони се доставени до Собранието, додека Европската комисија укажува на потребата од модернизација на студиските програми.

ШТЕТА НЕМА ДА ТРПИ ВЛАДАТА, ТУКУ ОБРАЗОВАНИЕТО Јаневска бара Собранието итно да ги усвои трите закони за високото образование
Фото: Принтскрин

Министерката за образование и наука Весна Јаневска побара од пратениците приоритетно да ги усвојат трите закони што се однесуваат на високото образование, научно-истражувачката дејност и квалитетот во високото образование, предупредувајќи дека евентуалното одложување нема да ѝ наштети на Владата, туку на образованието, граѓаните и државата.

Одговарајќи на пратеничко прашање во врска со наводите во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2026 година, Јаневска посочи дека во документот е нотирано подобрување во основното и средното образование и науката, но истовремено се укажува на потребата од промени и модернизација на високото образование.

Според Јаневска, Европската комисија укажува дека студиските програми мора да се модернизираат, поради што е неопходна и нова законска рамка. Министерката информираше дека законските решенија биле подготвени преку широка јавна и стручна дебата и веќе се доставени до Собранието. Станува збор за Законот за високото образование, Законот за научно-истражувачката дејност и Законот за квалитет во високото образование.

„Европската комисија вели дека студиските програми мора да се модернизираат. Неопходен е и нов закон, кој ние го изработивме преку широка јавна и стручна дебата“, рече Јаневска.

Таа упати апел до сите пратеници законите да добијат приоритет при собраниското разгледување.

„Во спротивно нема да трпи штета Владата, туку образованието, граѓаните и државата“, предупреди министерката.

Осврнувајќи се на реализацијата на целите од Реформската агенда, Јаневска издвои неколку спроведени активности во основното и средното образование. Меѓу нив е опремувањето на 160 основни училишта со безжична опрема за безбеден пристап до интернет. Таа го посочи и усвојувањето и примената на новата методологија за финансирање на основното образование, со која треба да се овозможи поправична распределба на средствата меѓу општините.

Како значаен резултат во средното стручно образование, министерката го издвои вклучувањето на 1.000 компании во реализацијата на практичната обука на учениците. Дополнително, во училиштата се ангажираат и кариерни советници, со цел подобро професионално насочување на учениците и поврзување на образованието со потребите на пазарот на трудот.

CATEGORIES
Share This