Жалосна образовна демирхисарска пародија: Кога дипломите се делат без записници, оценки се „забораваат“ а инситуциите молчат
На учениците им требаат знаење и легитимни дипломи, на родителите им треба сигурност дека нивните деца се во вистински раце, а на јавноста и требаат конкретни одговори, објавени решенија и вистинска одговорност веднаш, без изговори и без заштита.

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски Виш просветен инспектор во пензија
Четврток, 26 ноември 2026 година
Образованието во секоја општина би требало да биде најцврстиот столб на заедницата-место каде се гради иднината, се почитуваат законите и се надградува трудот. Но, она што периодов излегува на површина во демирхисарско повеќе наликува на лоша трагикомедија отколку на сериозен образовен процес.
Кога системските пропусти стануваат секојдневие, а одговорноста се префрла како жежок костен, неминовно се поставува прашањето: кој всушност управува со училиштето во демир Хисар – кој ги штити одговорните?
Првиот чин од оваа пародија се одвива со Средното општинско училиште (СОУ) „ Крсте Петков Мисирков“, каде што, според сведоштвото што ја брануваат јавноста, цело едно полугодие поминало со „заборавена“ оценка по предметот Биологија. Во дигитална ера на е-дневници, педагошки служби и постојани контроли, вистински феномен е како еден предмет и оценувањето на учениците може да останат надвор од радарот на менаџментот. Ова не е само административен превид на еден наставник, туку директен показател за отсуство на елементарен внатрешен надзор и контрола врз наставниот процес.
Вториот чин, пак, ги надминува границите на обична негрижа и навлегува длабоко во зоната на правна несигурност. И во вториот чин продолжува образовната демирхисарска пародијата и повторно во СОУ„Крсте Петков Мисирков“ се појавуваат сериозни индиции дека недостасуваат записници од матурски испити – документи без кој ниту една иплома не смее да го види светлото на денот.
Издавањето дипломи без уредна и потпишана документација не е само „дупка“ во архивата. Тоа е директно поигрување со судбината и трудот на матурантите, чии јавни исправи утре можат да бидат доведени под знак прашалник.
Сето ова отвора суштински прашања за менаџирањето на образовните институции на локално ниво, но и за улогата на контролните органи. Според информациите што допираат до јавноста, инспекторите од државниот просветен инспекторат(ДПИ) веќе биле на терен. Но, наместо јасна разврска, остануваат сомнежите дека дел од работите се прикриени-доставени записници, но недостатсува клучниот правен акт: Решение за одговорност и конкретни санкции.
Токму тука се испраќа отворен и директен повик до Државниот просветен инспекторат (ДПИ): јавноста, родителите и учениците и зошто постапката запира на обични записници без правен епилог. Инспекцискиот надзор не смее да служи како параван за заташкување на неправилностите, туку како инструмент за воспоставување ред и законитост.
Уште позагрижувачки е молкот од највисоките образовни и локални инстанци.Зошто за овие сериозни скандали молчат и министерката за образование и наука, Весна Јаневска и директорката на ДПИ? Ниту една јавна објава, ниту збор за покрената одговорност, ниту пак најава за ревизија на спорната документација. Истовремено, на локално ниво, градоначалникот на Демир Хисар под чија капа се средните општински училишта избира да молчи, иако има и морални и законска обврска да реагира кога институциите во неговата општина тонат во афери.
Демир Хисар не смее да си дозволи образованието да му стане предмет на потсмев и институционално прикривање…На учениците им требаат знаење и легитимни дипломи, на родителите им треба сигурност дека нивните деца се во вистински раце, а на јавноста и требаат конкретни одговори, објавени решенија и вистинска одговорност веднаш, без изговори и без заштита.

