ДВЕ ФИРМИ ЗА БРЗИ КРЕДИТИ СО ЗАБРАНА ОД 30 ДЕНА Тиго и Фикс кредит казнети по пријави од граѓани

Вонредниот надзор бил спроведен по пријави од незадоволни граѓани, а контролите откриле неправилности во работењето на скопското „Тиго фајнанс“ и тетовското „Фикс кредит“.

ДВЕ ФИРМИ ЗА БРЗИ КРЕДИТИ СО ЗАБРАНА ОД 30 ДЕНА Тиго и Фикс кредит казнети по пријави од граѓани
Фото: Принтскрин

Министерството за финансии им изрече привремена забрана за одобрување кредити во траење од 30 дена на две финансиски друштва, а покрај забраната, компаниите ќе мора да платат и парични казни. Станува збор за скопското „Тиго фајнанс“ и тетовското „Фикс кредит“, кои се најдоа под засилен надзор по пријави од незадоволни граѓани.

Вонредните контроли биле спроведени во изминатите три месеци, а при надзорот биле утврдени неправилности во работењето на двете финансиски друштва, кои одобруваат краткорочни кредити преку поедноставени и брзи процедури. Од Министерството за финансии информираат дека секоја претставка или пријава од граѓаните се разгледува во рамките на законските надлежности, по што, зависно од утврдените наводи, се преземаат соодветни мерки.

„Надзорот над финансиските друштва се спроведува согласно Законот за финансиските друштва и подзаконските акти, преку континуирано вонтеренско следење и непосредни контроли. Особено внимание се посветува на претставките, пријавите и информациите доставени од граѓаните“, соопшти Министерството.

„Тиго фајнанс“ е едно од најмаркетиншки експонираните финансиски друштва во земјава. Според податоците објавени на неговата веб-страница, досега биле одобрени 242.426 кредитни барања, што претставува 60 проценти од вкупниот број поднесени апликации. Вкупната вредност на исплатените кредити достигнува 6,4 милијарди денари, односно повеќе од 104 милиони евра.

Податоците од Бизнис Мрежа покажуваат дека во 2025 година „Тиго фајнанс“ остварило приходи од приближно 21,25 милиони евра и добивка од 4,41 милион евра. Во споредба со претходната година, приходите се намалиле за 6,6 проценти, а добивката за речиси 12 проценти. Компанијата има 178 вработени.

Второто финансиско друштво на кое му е изречена привремена забрана е „Фикс кредит“ од Тетово. Компанијата поседува дозвола за работа издадена на 16 декември 2022 година и е специјализирана за одобрување краткорочни кредити на физички лица. Во текот на 2025 година, „Фикс кредит“ остварило приходи од 786 илјади евра, што претставува минимално намалување од 0,2 проценти во однос на 2024 година.

Нето-добивката изнесувала 272.600 евра, но била намалена за 20,46 проценти на годишно ниво. Истовремено, бројот на вработени се зголемил од 16 на 29 лица.

Од Министерството за финансии информираат дека од јули 2024 година досега се изречени повеќе санкции за финансиските друштва кои не работеле согласно законските прописи. Во тој период биле одземени четири дозволи за работа, привремено биле затворени три финансиски друштва, а 18 друштва биле казнети со вкупно 3.040.323 денари, односно околу 49.400 евра.

Дополнително, биле издадени и 58 писмени наредби со рокови за отстранување на утврдените неправилности. Најновите мерки против „Тиго фајнанс“ и „Фикс кредит“ повторно го отвораат прашањето за контролата врз пазарот на брзи кредити и за заштитата на граѓаните кои ги користат овие финансиски услуги.

МИЦКОСКИ НАЈАВИ УБАВИ ВЕСТИ ЗА ГРАЃАНИТЕ Се подготвуваат промени за брзите кредити

CATEGORIES
Share This