Испиле по една пијачка Трамп, Путин и Си, а професори веќе го поделија светот: Нова Јалта за 70 минути?!
Шест аргументи за тоа што навистина се случи на маргините на самитот на АПЕК и какви пораки испратија Трамп, Путин и Си Џинпинг.

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Среда, 25 ноември 2026 година
Готово е! Се случува новата Јалта, новата поделба на светот, крај на војните во Украина и Иран, Европската Унија е исфрлена од масата на која се одлучува за светските работи… Ова беа најчестите сензационалистички коментари на дел од аналитичарите, професорите и таканаречените експерти по повод трилатералната средба меѓу Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг на маргините на самитот на АПЕК во Шенжен, Кина.
Кога станува збор за аналитички видувања на одредени настани, општата јавност со право не може да има детални познавања. Но, навистина сум изненаден од пишувањата на некои колеги – професори кои, наместо стручна анализа, покажуваат сериозно непознавање.
Ајде малку да ги разјасниме работите и да видиме зошто дел од овие експертски и професорски толкувања се целосно промашување од најмалку шест причини.
Прво, Европската Унија не беше присутна на самитот на АПЕК, но не затоа што некој ја исфрлил, туку затоа што воопшто не е членка на овој форум.
АПЕК (Asia-Pacific Economic Cooperation) е регионален економски форум за соработка меѓу земјите и економиите од азиско-пацифичкиот регион. Основан е во 1989 година и денес има 21 членка, односно членки кои официјално се означуваат како економии: Австралија, Брунеј, Канада, Чиле, Кина, Хонг Конг (Кина), Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја, Малезија, Мексико, Нов Зеланд, Папуа Нова Гвинеја, Перу, Филипини, Русија, Сингапур, Кинески Тајпеј (Тајван), Тајланд, САД и Виетнам.
Меѓународноправно гледано, АПЕК не е наднационална организација како Европската Унија, ниту класична меѓународна организација основана со меѓународен договор и со институционализирана структура и субјективитети и која нема свој Статут и други придружни инструменти. Станува збор за лабава регионална структура налик на БРИКС и која формално не претставува меѓународна организација, но, има меѓународно правна заснованост преку дозволениот институт „регионални спогодби“ според Повелбата на ОН. Одлуките се носат со консензус, а заложбите на членките имаат доброволен и необврзувачки карактер. Во таа смисла, документите и декларациите на АПЕК имаат карактер на таканаречено меко право (soft law).
Затоа, приказните дека Европската Унија била исфрлена од масата на која се одлучува за светските работи се обично непознавање на основните факти. Едноставно, ЕУ не е членка на АПЕК.
Второ, трилатералната средба не беше самиот самит на АПЕК и тука мора да се прави јасна разлика. Трамп, Путин и Си Џинпинг присуствуваа на самитот во својство на лидери на три земји-членки на АПЕК, форум кој одржува редовни годишни собири. Но, на маргините на самитот одржаа и посебна трилатерална средба.
Патем, минатогодишниот самит на АПЕК се одржа во Јужна Кореја. Таму се сретнаа Трамп и Си Џинпинг, додека Путин не присуствуваше, а Русија беше претставена од вицепремиерот Алексеј Оверчук. Причината беше меѓународната потерница, односно налогот за апсење на Путин издаден од Меѓународниот кривичен суд. Јужна Кореја е членка на Римскиот статут, додека Кина не е и затоа сега Путин сега беше присутен.
Значи, и во овој случај станува збор за конкретни правни и дипломатски околности, а не за некаква нова поделба на светот.
Трето, никаква нова Јалта не се случи во Шенжен. Ова е можеби најголемото претерување и најсериозното непознавање во дел од коментарите.
Трамп, Путин и Си Џинпинг одржаа разговори во траење од околу 70 минути. Таман толку, народски кажано, да испијат по една пијачка, да се распрашаат како се со здравјето, како се по дома, какво е времето во нивните земји и, се разбира, да поразговараат за некои прашања поврзани со нуклеарното вооружување, меѓународната безбедност и актуелните војни.
Точно е дека средбата беше интересна и значајна во дипломатска смисла. Но, од тоа до тврдењето дека за 70 минути е договорена нова поделба на светот, дека се решени војните во Украина и Иран и дека е воспоставен нов светски поредок има огромна разлика.
Новата Јалта не се случува така што тројца претседатели ќе седнат на една маса, ќе разговараат нешто повеќе од еден час и потоа светот ќе биде поделен. Историските споредби бараат сериозност, а не сензационализам.
Четврто, она што навистина заслужува анализа се дипломатските детали од самитот. Кој кого го пречека на аеродромот, кој доби какво место на официјалната фотографија, како беа распоредени лидерите и какво внимание им беше посветено – сето тоа се елементи на дипломатската симболика.
Трамп доби посебно внимание во протоколот на домаќинот Си Џинпинг. Евидентно е дека САД и понатаму е доминантна сила на светската сцена и дека Кина придава особено значење на односите со Вашингтон.
Но, кај Путин имаше и детали што можат да се толкуваат како дипломатски дистанцирања, па дури и како симболични пораки за неговата пониска позиција во однос на другите двајца лидери.
На пример, на аеродромот Путин не го пречека лично Си Џинпинг, туку му го пратија највиоскиот Кинез по висина кој е за две глави повисок од рускиот претседател. За обичниот граѓанин ова можеби не значи ништо, но но, за тие што ги познаваат работите оваа порака за надмоќноста во висина има силна кинеска порака до Путин како се разместува геополитичката карта. Во дипломатскиот протокол и симболиката на пречекувањето понекогаш и најмалите детали се предмет на толкување.
Уште поинтересни беа моментите при организирањето на заедничката фотографија на лидерите. На снимките се гледа како Трамп и Путин се поздравуваат, а потоа започнува позиционирањето на учесниците за фотографирање. Трамп застанува десно од Си Џинпинг, додека Путин се обидува да застане од другата страна на кинескиот претседател. Во тој момент Си со гест му покажува да се помести, по што во кадарот наеднаш (претходно не се глаеда во салата) се појавува и неговата сопруга Пенг Лијуањ. Конечниот распоред го поставува Си во центарот, Трамп од неговата десна страна, а Путин подалеку, од другата страна на сопругата на кинескиот претседател.
Повторно, за обичниот народ ова можеби не значи ништо. Но, за оние што ги познаваат дипломатскиот протокол и симболиката на ваквите настани, овие детали се предмет на сериозна анализа. Местото десно од домаќинот, во традиционалниот протокол, по правило се смета за почесна позиција.
Според мене, пораката на Кина кон Вашингтон е дека сака да покаже оти односите со САД се на највисоко дипломатско ниво и дека Трамп е особено важен соговорник на Си Џинпинг.
Кон Москва, пораката е дека партнерството со Русија останува, но тоа не значи дека Путин има ист церемонијален третман како американскиот претседател.
А кон остатокот од светот, Кина испраќа порака дека е домаќин кој ги одредува правилата на дипломатската сцена и самостојно ја обликува рамнотежата меѓу големите сили.
Петто, интересен момент е учеството на претставниците на Тајван и Хонг Конг. Во рамките на АПЕК учествуваат и Тајван и Хонг Конг, одделно од Народна Република Кина. Ова е особено интересно од политички и дипломатски аспект, имајќи предвид дека Пекинг го смета Тајван за дел од својата територија. Сепак, тоа не го спречи Си Џинпинг да оствари срдечен поздрав и контакт со претставникот на Тајван и неговата сопруга.
Ова е уште еден пример за разликата меѓу формалните политички позиции и практичната дипломатија. Кина има свои цврсти ставови за Тајван, но истовремено учествува во меѓународни формати во кои Тајван има посебен статус.
Исто така, Си Џинпинг одржува партнерски односи со Путин, но Кина официјално го признава територијалниот интегритет на Украина. Тоа е уште една потврда дека меѓународните односи не можат да се сведат на едноставна поделба на пријатели и непријатели.
Шесто, не спорам дека односите меѓу САД, Кина и Русија се од огромно значење за иднината на светот. Не спорам дека АПЕК е важна регионална и меѓународна платформа и дека средбите на големите сили можат да имаат сериозни геополитички последици. Но, тоа не значи дека секоја средба на големите лидери автоматски претставува историски договор, нова поделба на светот или крај на некоја војна.
Според тоа, треба помалку големи зборови, а повеќе факти!
Кога професори и аналитичари излегуваат со теза дека се случила нова Јалта, дека е поделен светот, дека се решени војните во Украина и Иран и дека Европската Унија е исфрлена од светската политичка сцена, тогаш најмалку што можат да очекуваат е нивните тврдења да бидат подложени на сериозна критика.
Стручноста не се мери според големината на зборовите, ниту според способноста да се изговори нешто сензационално, туку според познавањето на фактите, разбирањето на меѓународните односи и способноста правилно да се толкуваат настаните.
Конечно, моето пишување е обид за објективно согледување на состојбите, засновано врз лична проценка, искуство и знаење. Сосема друго прашање е дали ми се допаѓа или не, секој има право на свое мислење, но, никој нема право на свои факти!

