ПАРИ ЗА ТРАКТОРИ, ОПРЕМА И РУРАЛНИ БИЗНИСИ Во декември нов повик од ИПАРД III

Земјоделците, преработувачите и претприемачите од руралните средини ќе можат да аплицираат преку три мерки за кофинансирање инвестиции. Рокот за поднесување барања ќе биде најмалку 45 дена.

ПАРИ ЗА ТРАКТОРИ, ОПРЕМА И РУРАЛНИ БИЗНИСИ Во декември нов повик од ИПАРД III
Фото: Принтскрин

Земјоделците, преработувачите и сопствениците на рурални бизниси во декември ќе добијат нова можност да обезбедат финансиска поддршка за своите инвестиции преку програмата ИПАРД III. Новиот јавен повик 01/2026 ќе опфати три мерки за кофинансирање, наменети за модернизација на земјоделското производство, развој на преработувачките капацитети и проширување на економските активности во руралните средини.

Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој веќе објави претходна најава за повикот, кој се очекува да биде објавен во текот на декември. Со мерката 1 ќе се поддржуваат инвестиции во земјоделските стопанства, насочени кон зголемување на продуктивноста и одржливоста на производството. Поддршката ќе опфати и набавка на земјоделска механизација.

Мерката 3 е наменета за инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, додека преку мерката 7 ќе се финансираат дополнителни дејности на фармите и развој на рурални бизниси. Од последната мерка во овој повик ќе бидат исклучени производството и продажбата на енергија од обновливи извори.

Паралелно со подготовките за новиот повик, надлежните институции работат на спроведување на препораките на Европската комисија и Акцискиот план за зајакнување на системите за управување и контрола на ИПАРД-програмата. Планот предвидува воведување дигитално следење на проектите од моментот на нивното одобрување до исплатата на средствата, вклучително и контролите на терен. Предвиден е и систем за рано предупредување при утврдување ризици од доцнење на исплатите.

Заинтересираните апликанти ќе имаат најмалку 45 дена за поднесување барања, сметано од објавувањето на јавниот повик во дневните весници. Пред официјалното отворање на повикот, Агенцијата ќе ги објави ажурираните упатства и целосната потребна документација на својата веб-страница. За сите заинтересирани ќе биде обезбедена и бесплатна стручна помош при подготовката на апликациите, преку регионалните центри на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

CATEGORIES
Share This