ЦРН ПЕТОК ПОД ЛУПА НА ИНСПЕКТОРИТЕ Ќе се проверуваат лажните попусти и трговските трикови
Инспекторите ќе проверуваат дали трговците вештачки ги зголемуваат цените пред да објават попусти, а граѓаните неправилностите ќе можат да ги пријават на бесплатниот број 191.

Државниот пазарен инспекторат најави засилени вонредни контроли кај трговците низ земјава по повод кампањата „Black Friday“, со цел да спречи лажно прикажување попусти и други нечесни трговски практики на штета на потрошувачите.
Инспекторите ќе ја проверуваат законитоста на продажните акции, начинот на кој се рекламираат попустите, означувањето на цените и информирањето на купувачите за условите под кои се продаваат производите.
Посебно внимание ќе биде посветено на производите кои традиционално се меѓу најбараните за време на „Црниот петок“ – апарати за домаќинство, бела техника, електронски уреди, мобилни телефони, компјутерска опрема, облека, обувки и мебел.
Од Инспекторатот посочуваат дека контролите ќе опфатат случаи на лажно прикажување попусти, неосновано зголемување на цените пред нивното намалување, неточно или доведувачко рекламирање, како и други неправилности поврзани со продажните услови.
„При утврдување неправилности, Државниот пазарен инспекторат ќе преземе соодветни инспекциски и законски мерки во рамки на своите надлежности“, соопштија од Инспекторатот.
Оттаму ги повикуваат трговците да ги почитуваат законските обврски и транспарентно да ги прикажуваат цените и попустите, а на граѓаните им препорачуваат внимателно да ги проверуваат условите под кои се нудат намалувањата.
Граѓаните кои ќе забележат неправилности или повреда на потрошувачките права можат да ги пријават на бесплатниот телефонски број 191 или преку официјалната веб-страница на Државниот пазарен инспекторат: www.dpi.gov.mk.

