БОГДАНОВИЌ СЕ ВРАЌА ВО ПОЛИТИКАТА СО НОВА ПАРТИЈА Ќе оди за градоначалник на Центар или во Собранието

Српската демократска лига најавува борба за поголема застапеност на Србите во институциите, а поранешниот градоначалник на Центар не ја исклучува ниту можноста повторно да се кандидира за градоначалник или за пратеник.

БОГДАНОВИЌ СЕ ВРАЌА ВО ПОЛИТИКАТА СО НОВА ПАРТИЈА Ќе оди за градоначалник на Центар или во Собранието
Фото: Принтскрин

Нова политичка партија на српската заедница се подготвува за настап на политичката сцена во Македонија. Српската демократска лига (СДЛ), предводена од Саша Богдановиќ, најавува борба за поголема застапеност на Србите во државните институции, повеќе можности за изучување на српскиот јазик и култура во училиштата, како и поголема видливост на српското историско и културно наследство.

Богдановиќ во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ објасни дека формирањето на партијата е резултат на незадоволството од досегашниот однос кон прашањата поврзани со српската заедница во Македонија.

„За жал, не најдовме разбирање и едноставно не се најде слух за работите кои сакавме да ги промениме, поврзани со културата, историјата, образованието, местото на Србите во Македонија, колку се застапени и каде и како“, изјави Богдановиќ.

Едно од главните барања на СДЛ ќе биде проширување на можностите за изучување на српскиот јазик во основното образование. Според податоците што ги презентираше Богдановиќ, во повеќе од 40 општини постои можност српскиот јазик да се изучува како изборен предмет, но училиштата не спроведуваат анкети за да утврдат колкав е реалниот интерес кај учениците и родителите.

Како пример ја посочи Општина Центар, каде што во периодот на неговиот градоначалнички мандат, околу една третина од вкупно 545 ученици во трето одделение покажале интерес за изучување на српскиот јазик и култура. Богдановиќ оцени дека е загрижувачки што во моментов само околу 150 ученици посетуваат факултативна настава по српски јазик.

Затоа, СДЛ ќе се залага српскиот јазик да биде достапен како задолжителен предмет по мајчиниот јазик, додека наставата по останатите предмети би продолжила да се одвива на македонски јазик. Меѓу иницијативите на партијата е и именување улици по истакнати личности од српската заедница кои оставиле значаен придонес во културата, музиката и историјата на Македонија.

Освен програмските приоритети, Богдановиќ откри и дел од политичките планови на новата партија. СДЛ најверојатно би настапила во коалиција доколку во блиска иднина се одржат парламентарни избори. На прашањето со која политичка партија би соработувале, тој одговори дека тоа ќе зависи од подготвеноста на потенцијалните партнери да ги прифатат одлуките донесени на Конгресот на СДЛ.

Богдановиќ истакна дека партијата е отворена за соработка со сите политички субјекти, вклучително и со партиите на другите етнички заедници, со цел заедничко решавање на прашањата од интерес на граѓаните. Интересен беше и неговиот одговор на прашањето дали повторно би се кандидирал за градоначалник на Општина Центар или би се обидел да освои пратенички мандат во Собранието.

„И едното и другото, зависно од можностите, ќе видиме“, одговори Богдановиќ, не исклучувајќи ниту една од двете политички опции.

До 15 февруари ќе ја претстават партиската структура и програмата Српската демократска лига до 15 февруари планира да ја изгради својата организациска структура и да ги презентира програмските и кадровските решенија.

Богдановиќ изрази задоволство од досегашниот интерес за приклучување кон партијата, која во наредниот период треба да ги дефинира своите кадровски и политички позиции и да се подготви за учество во изборните процеси.

CATEGORIES
Share This