МИЦКОСКИ ЈА ПРЕДИЗВИКА ОПОЗИЦИЈАТА Поднесете иницијатива за предвремени избори, веднаш ќе ја поддржиме

Премиерот тврди дека Владата има стабилно мнозинство од 61 пратеник и ги отфрли шпекулациите за договор со ДУИ околу враќањето на Артан Груби.

МИЦКОСКИ ЈА ПРЕДИЗВИКА ОПОЗИЦИЈАТА Поднесете иницијатива за предвремени избори, веднаш ќе ја поддржиме
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски ја повика здружената опозиција да поднесе иницијатива за распуштање на Собранието доколку навистина сака предвремени парламентарни избори, порачајќи дека владејачкото мнозинство е подготвено да ја поддржи таквата иницијатива. Премиерот во телевизиско гостување истакна дека Владата се подготвува за редовните парламентарни избори во пролетта 2028 година, но дека нема да бега од предвремено соочување со граѓаните.

„Ние имаме редовни избори на пролет 2028-ма година, но доколку има некаква иницијатива од здружената опозиција, ние сме подготвени да ја поддржиме таа иницијатива“, рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека патот до предвремени избори е едноставен и опозицијата треба да поднесе иницијатива за распуштање на Парламентот, по што владејачкото мнозинство ќе ја поддржи.

„Многу е едноставно. Ако сакаат предвремени избори, поднесуваат иницијатива за распуштање на Парламент од здружената опозиција, ние ја поддржуваме и одиме на предвремени парламентарни избори“, изјави премиерот.

Тој додаде дека Владата функционира како да има редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година и ги отфрли шпекулациите за можни политички сценарија и промени во владејачката коалиција.

Осврнувајќи се на најавите на Максим Димитриевски во врска со евентуална поинаква одлука за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, Мицкоски рече дека нема причина да се шпекулира за стабилноста на Владата.

„Не барајте теории на заговори, сценарија, овој ќе напуштел… И да напушти Максим Димитриевски, Владата има 61 пратеник и повеќе од тоа“, рече Мицкоски.

Премиерот ги отфрли и наводите за наводен договор со ДУИ поврзан со враќањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби.

„Смешно е воопшто да ме прашувате дали има некаков договор со ДУИ поврзан со враќањето на Артан Груби. Или не ме познавате доволно или не знаете како функционирам“, изјави Мицкоски.

Тој истакна дека со коалицискиот партнер ВРЕДИ имаат одлична и редовна координација и соработка.

CATEGORIES
Share This