ЧЕСТИТКИ, ДРАГ МОЈ ТИМЧО Герапетритис го пофали Муцунски, еве што посебно го издвои
Грчкиот министер препозна напредок во дигитализацијата, надворешната политика и реформите на јавната администрација.

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис упати пофалби за напредокот на Македонија во повеќе области, а посебно ги издвои дигиталната трансформација, усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија и реформите во јавната администрација.
На министерскиот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина, Герапетритис упати и лична честитка до македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Северна Македонија веќе постигна значителен напредок во повеќе области, особено во дигиталната трансформација, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика, како и во аспектите на реформата на јавната администрација. Честитки, драг мој Тимчо!“, порача шефот на грчката дипломатија.
Герапетритис, кој е домаќин на состанокот, ја повтори поддршката на Атина за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, нагласувајќи дека е неопходно да се зачува и зајакне моментумот на проширувањето на Европската Унија.
На состанокот учествуваат министрите за надворешни работи на шест земји-членки на ЕУ и шесте партнери од Западен Балкан, меѓу кои и Муцунски, како и еврокомесарката за соседство и проширување Марта Кос. Потпретседателката на Европската комисија и високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, не присуствува поради штрајкот во воздушниот сообраќај во Белгија.
Во воведното обраќање, Герапетритис оцени дека проширувањето не е важно само за земјите-кандидатки, туку и за самата Европска Унија, бидејќи претставува инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот на европскиот континент.
Тој потсети дека грчката поддршка за европската интеграција на Западен Балкан датира од Солунската агенда во 2003 година, нагласувајќи дека регионот има стратешко значење за заокружување на европското политичко единство.
Според него, Западен Балкан се наоѓа на чувствителна геополитичка позиција, меѓу Источна Европа и Источниот Медитеран, каде што постојат сериозни безбедносни предизвици. Токму затоа, интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ ја оцени како значаен фактор за стабилноста и безбедноста на целиот континент.
Герапетритис се осврна и на важноста на добрососедските односи и почитувањето на меѓународното право, оценувајќи дека тие се неопходни за градење доверба меѓу идните членки на проширената Унија.
Тој најави дека Грција ќе продолжи активно да ги поддржува европските аспирации на земјите од Западен Балкан, особено во пресрет на грчкото претседавање со Советот на Европската Унија во втората половина на 2027 година.

