ПОЛИТИЧКИ ПРЕСВРТ ВО ИЗРАЕЛ Нетанјаху преговара за влада на национално единство, а му подготвуваат закон што може да го спречи да биде премиер

Во Кнесетот се подготвува закон со кој на обвинети политичари би им се забранило да формираат влада - потег што директно го засега Бенјамин Нетанјаху.

ПОЛИТИЧКИ ПРЕСВРТ ВО ИЗРАЕЛ Нетанјаху преговара за влада на национално единство, а му подготвуваат закон што може да го спречи да биде премиер
Фото: Принтскрин

Претставници на израелската владејачка партија Ликуд, предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху, и партијата Јашар, на чие чело е мандатарот Гади Ајзенкот, ќе ги продолжат разговорите за можноста за формирање влада на национално единство.

Одлуката следува по четиричасовниот состанок меѓу претставниците на двете партии, по кој беше објавено дека се разменети и детално разгледани ставови за неколку важни политички прашања.

Во заедничкото соопштение се наведува дека разговорите ќе продолжат, но засега не е постигнат конечен договор за формирање заедничка влада, објави „Тајмс оф Израел“.

Според израелските медиуми, преговорите меѓу тимовите на Ликуд и Јашар не ја опфатиле можноста за договор за ротација на премиерската функција. Наместо тоа, разговорите биле насочени кон други спорни политички прашања, кои би можеле да бидат пресудни за евентуалното формирање влада на национално единство.

Засега останува неизвесно дали двете политички сили ќе успеат да ги надминат разликите и да постигнат договор за заедничко управување со Израел. Додека траат преговорите за новата влада, во израелскиот парламент, Кнесетот, се подготвува законски предлог што може да има сериозни политички последици за Нетанјаху.

Според телевизијата Канал 12, предлог-законот, инициран од блокот предводен од Гади Ајзенкот, треба да биде претставен на прелиминарно читање во среда. Предложените законски измени предвидуваат ограничување на премиерскиот мандат на вкупно осум години, како и забрана политичари против кои се води кривична постапка да добијат мандат за формирање влада.

Сепак, предвиден е исклучок – претседателот на Централната изборна комисија би можел да одлучи поинаку.

Канал 12 оценува дека законскиот предлог е директно насочен кон Бенјамин Нетанјаху, против кого веќе шест години се води судска постапка за обвиненија за поткуп, измама и кршење на довербата. Доколку предлогот биде усвоен во предложената форма, тој би можел сериозно да влијае врз политичката иднина на актуелниот израелски премиер.

Така, додека Ликуд и Јашар разговараат за можна влада на национално единство, паралелно се отвора и прашањето за законски ограничувања што би можеле директно да ја променат политичката позиција на Нетанјаху.

CATEGORIES
Share This