МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА ОДБЕЛЕЖУВА 82 ГОДИНИ СО СВЕЧЕН КОНЦЕРТ „ЗАРАТУСТРА“ Настапува британската трубачка Матилда Лојд

Матилда Лојд е една од најистакнатите британски трубачки на својата генерација.

МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА ОДБЕЛЕЖУВА 82 ГОДИНИ СО СВЕЧЕН КОНЦЕРТ „ЗАРАТУСТРА“ Настапува британската трубачка Матилда Лојд

Македонската филхармонија в четврток, со почеток во 20 часот, ќе го одржи традиционалниот роденденски концерт по повод 82 години од своето формирање. Концертот е насловен „Заратустра“, а публиката ќе има можност да ужива во настапот на британската трубачка Матилда Лојд, под диригентската палка на маестро Конрад ван Алфен.

На програмата се Концертот за труба и оркестар во Ас-дур од Александар Арутјуњан и познатата тонска поема „Така зборуваше Заратустра“, оп. 30.

Матилда Лојд е една од најистакнатите британски трубачки на својата генерација. Во 2026 година стана првата трубачка добитничка на наградата за млад уметник на Кралското филхармониско друштво. Настапувала со реномирани оркестри и на престижни концертни сцени ширум Европа и светот, а нејзината дискографија вклучува повеќе високо оценети изданија. Покрај концертната кариера, активно работи и на едукација и поддршка на младите музичари.

Диригентот Конрад ван Алфен е холандско-јужноафрикански маестро со богато меѓународно искуство. Тој е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам, со кој во изминатите години остварил бројни меѓународни турнеи и настапи. Во текот на кариерата соработувал со голем број светски познати солисти и оркестри во Европа, Азија, Африка и Америка.

Со роденденскиот концерт „Заратустра“, Македонската филхармонија продолжува да ја одбележува својата долгогодишна традиција и да ѝ понуди на публиката средба со врвни музички уметници и дела од класичниот репертоар.

CATEGORIES
Share This