БРАЌА ОД ШТИП БИЛЕ ПРИНУДЕНИ ДА ПУКААТ ЕДЕН ВО ДРУГ Непознатата трагедија од Брегалничката битка

Седумтомна едиција за Балканските војни и Македонскиот фронт открива потресни сведоштва за страдањата на македонското население.

БРАЌА ОД ШТИП БИЛЕ ПРИНУДЕНИ ДА ПУКААТ ЕДЕН ВО ДРУГ Непознатата трагедија од Брегалничката битка
Фото: Принтскрин

Во Народната библиотека во Штип беше промовирана седумтомната едиција посветена на Балканските војни (1912–1913) и Македонскиот фронт (1915–1918), чиј автори се д-р Оливер Цацков и д-р Анита Илиева Николовска од Лексикографскиот центар при МАНУ. Публикациите хронолошки ги обработуваат историските настани и ги согледуваат пошироките геополитички интереси на балканските и големите сили, истакна промоторот проф. д-р Андреј Илиев од Воената академија.

Посебно внимание во едицијата е посветено на Брегалничката битка, една од најкрвавите во Втората балканска војна, која оставила тешки последици врз населението во Штипско и поширокиот регион. Бугарската и српската војска насилно мобилизирале млади луѓе од месното население, поради што се случувало браќа и блиски роднини, без да знаат, да се најдат на спротивните страни на фронтот.

Авторот Цацков го посочува случајот со браќата Авукатови од Штип. Јордан бил мобилизиран во бугарската војска, додека неговиот помлад брат бил во редовите на српската армија. Во текот на борбите кај Ежов Рид, во близина на населбата Три Чешми, Јордан го препознал братот пред да пука. По повлекувањето на бугарските сили, двајцата успеале да се оттргнат од војските и да се вратат дома.

Според Цацков, сè уште не е утврден точниот број на загинатите и исчезнатите Македонци во Балканските војни, ниту се познати нивните имиња. Војните оставиле зад себе разурнати градови и села. Меѓу примерите се Стар Дојран, чии жители подоцна изградиле Нов Дојран, како и настанувањето на штипската населба Пребег, поврзано со тешките услови во кои живееле жителите на Ново Село.

Цацков посочува и на големите еколошки последици во Мариово, каде што за време на војните и присуството на војските било извршено масовно сечење на шумите. Седумтомната едиција претставува обид да се документираат овие трагични историски настани и страдањата на македонското население, кои и повеќе од еден век подоцна остануваат недоволно истражени.

CATEGORIES
TAGS
Share This