МАКЕДОНИЈА ОСТАНУВА БЕЗ ЛУЃЕ Секој четврти граѓанин размислува да се исели, речиси 12 отсто веќе прават конкретни планови

Ниските примања, инфлацијата, недостигот од добри работни места и стравот од намалување на населението се меѓу најголемите грижи.

МАКЕДОНИЈА ОСТАНУВА БЕЗ ЛУЃЕ Секој четврти граѓанин размислува да се исели, речиси 12 отсто веќе прават конкретни планови
Фото: Принтскрин

Повеќе од секој четврти граѓанин во Македонија размислува да ја напушти земјата и да продолжи да живее и работи во странство, додека речиси 12 проценти веќе имаат конкретни планови или преземаат активности за иселување. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето SecuriMeter 2026, спроведено од Советот за регионална соработка (RCC).

Според податоците, 26,1 отсто од испитаниците изразиле намера да се преселат во друга земја. Од нив, 14,2 проценти сè уште немаат прецизно разработен план, 6,2 проценти веќе имаат конкретен план за преселба, додека 5,7 проценти започнале да преземаат активности за заминување.

Тоа значи дека вкупно 11,9 проценти од граѓаните не остануваат само на размислување, туку веќе се подготвуваат за можноста да започнат нов живот надвор од Македонија. Од друга страна, 68,1 отсто од анкетираните изјавиле дека не сакаат да ја напуштат земјата, додека 5,8 проценти не дале одговор.

Во споредба со другите економии од Западен Балкан, Македонија е под регионалниот просек според намерата за иселување. На регионално ниво, 29,3 проценти од граѓаните размислуваат да се преселат во странство, наспроти 26,1 процент во Македонија. Сепак, особено загрижува податокот дека Македонија е меѓу земјите во регионот со повисок удел на граѓани кои веќе преземаат конкретни активности за заминување.

Истражувањето открива и високо ниво на економска загриженост кај населението. Дури 93,8 проценти од испитаниците се загрижени за трошоците за живот и инфлацијата, што ја прави оваа тема една од најголемите причини за незадоволство. Дополнително, 81,7 проценти ги посочуваат работните места и висината на платите како сериозен проблем, додека 80,1 процент се загрижени за иселувањето и намалувањето на населението.

Особено загрижувачки се податоците за младите. Истражувањето покажува дека повеќе од половина од младите на возраст од 18 до 24 години во Западен Балкан размислуваат за живот во странство. Овој податок се однесува на целиот регион, а не само на Македонија, но дополнително ја нагласува сериозноста на демографскиот предизвик со кој се соочуваат земјите од Западен Балкан.

SecuriMeter 2026 е спроведен во периодот од 1 до 17 септември, со анкета на вкупно 6.003 полнолетни лица од шесте економии на Западен Балкан. Во Македонија биле анкетирани 1.000 граѓани преку непосредни интервјуа лице в лице.

CATEGORIES
Share This