ТРАМП СО ПОРАКА ДО ИРАН Не барам промена на режимот, сакам траен договор за нуклеарното оружје

Американскиот претседател најави дека сака долгорочен договор со кој ќе се гарантира дека Иран нема да развие нуклеарно оружје.

ТРАМП СО ПОРАКА ДО ИРАН Не барам промена на режимот, сакам траен договор за нуклеарното оружје
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека сака да постигне траен договор со Иран со кој ќе се гарантира дека Техеран нема да дојде до нуклеарно оружје. Во исто време, тој порача дека промената на иранскиот режим не е меѓу неговите главни приоритети.

„Ќе постигнам траен договор што ќе обезбеди Иран да не добие нуклеарно оружје“, изјави Трамп во интервју за американската телевизија „Фокс њуз“.

Тој нагласи дека не инсистира на промена на власта во Иран, посочувајќи дека САД веќе се справиле со тројца ирански лидери, што, според неговата оценка, претставува суштинска промена во раководството на земјата. Трамп оцени дека актуелното иранско раководство можеби е порационално од претходното, но истовремено изрази недоверба во подготвеноста на Техеран да ги почитува евентуалните договорени обврски.

„Тешко е да се постигне договор со нив, бидејќи тие го потпишуваат, а следниот ден го прекршуваат“, рече американскиот претседател.

Во интервјуто Трамп се осврна и на информациите за сајбер нападот врз базата на податоци на Федералното истражно биро (ФБИ), оценувајќи дека таквиот настан не е добра вест.

„Можеби на тој начин ќе дознаеме работи што поинаку не би ги знаеле“, коментираше Трамп.

Американскиот претседател навести и можност за постигнување значаен договор со демократите во Конгресот за некои од најспорните прашања во американската политика. Меѓу темите што ги спомена се здравствената заштита и евентуално имиграцијата.

Трамп рече дека го познава лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, и смета дека постои простор двете политички партии да постигнат значајни резултати. Сепак, тој призна дека демократите ќе имаат свои приоритети, додека неговата администрација ќе се залага за поконзервативен пристап.

CATEGORIES
Share This