СКАНДАЛ ВО ОХРИД Двајца македонски полицајци и колега од Србија истепале малолетник со палка и тврди предмети
Малолетникот управувал мотоцикл без возачка дозвола и се обидел да избега, но откако бил фатен, полицајците употребиле физичка сила, гумена палка и тврд предмет, нанесувајќи му повреди на повеќе делови од телото.

Тројца полициски службеници, двајца од Охрид и еден од Србија, се пријавени за малтретирање во вршење на службата, откако употребиле физичка сила врз малолетник кој управувал мотоцикл без возачка дозвола.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел кривична пријава против С.С., Б.Г. и Ј.И. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“.
Настанот се случил на 29 јули 2026 година, околу 05:05 часот, во Охрид. Двајцата полициски службеници од СВР Охрид и нивниот колега од Србија, при вршење службени дејствија, сопреле мотоцикл управуван од малолетник без дозвола, кој се обидел да побегне.
Набргу го фатиле, по што, според МВР, кон него употребиле физичка сила, гумена палка и тврд предмет, нанесувајќи му повреди на повеќе делови од телото.
Одделот за внатрешна контрола доставил и барање до надлежната служба за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи на Република Србија за спроведување службен разговор со полицискиот службеник Ј.И.
Против полициските службеници С.С. и Б.Г. ќе биде поднесен предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работната дисциплина, а ќе бидат изречени и задолжителни мерки за нивно отстранување од работното место, односно суспензија.

