КАКО ИЗГЛЕДАЛА МАКЕДОНИЈА ПРЕД ЕДЕН ВЕК 30 уметнички дела ќе откријат дел од нашето заборавено културно наследство
Цркви, манастири, џамии, амами и стари градби од различни краишта на Македонија ќе бидат претставени преку дела на значајни македонски уметници.

Богатството на македонското културно наследство ќе биде претставено низ уметничките дела на некои од најзначајните македонски сликари и цртачи, на изложбата „Културното наследство низ делата од колекцијата на Националната галерија“.
Изложбата ќе биде отворена на 24 ноември, со почеток во 13 часот, во објектот „Мала станица“, а посетителите ќе имаат можност да погледнат околу 30 внимателно селектирани дела од богатата колекција на Националната галерија.
Посебен акцент е ставен на недвижното културно наследство на Македонија, преку уметнички претстави на цркви, манастири, џамии, амами, како и профани градби од различни региони на земјата.
Делата не ги прикажуваат само архитектонските и уметничките особености на објектите, туку претставуваат и значајни историски и документарни сведоштва за нивниот изглед, просторната структура, декоративните елементи и промените низ времето.
Преку сликарските и цртачките техники, посетителите ќе можат да видат како изгледале одредени градби и културни споменици во периодот кога биле овековечени од уметниците.
Меѓу авторите чии дела ќе бидат изложени се Љубомир Ивановиќ, Лазар Личеноски, Ѓорѓи Ачески, Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов и други значајни уметници.
Најголемиот дел од изложените дела потекнуваат од првата половина на XX век, период во кој македонската ликовна уметност се развивала во допир со традиционалните вредности и современите модернистички тенденции.
Освен нивната уметничка вредност, сликите и цртежите имаат посебно значење и како визуелни документи за културниот простор на Македонија.
Со оваа изложба, Националната галерија отвора поинаков пристап кон претставувањето на сопствената колекција, откривајќи ја нејзината документарна вредност и улогата на уметничките дела во зачувувањето на културната меморија.
Раководител на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос, а соработник е м-р Владимир Таневски, кустос.
Изложбата претставува можност посетителите одново да го откријат богатството на македонското културно наследство, овојпат низ погледот и уметничкиот израз на авторите кои го забележале и овековечиле.

