ГРИПОТ УДРИ СО СИЛА За една недела бројот на заболени скокна за 37,5 отсто, Тетово е жариште
ИЈЗ потврди дека е достигнат епидемиолошкиот праг за влез во сезоната на грип. Во една недела се регистрирани 154 нови случаи, а од почетокот на сезоната бројката достигна 609 заболени.

Грипот зема сè поголем замав во Македонија. Во текот на 46-тата недела од годинава, од 9 до 15 ноември, регистрирани се 154 нови случаи на грип, што е зголемување од 37,5 отсто во споредба со претходната недела, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Особено загрижувачки е податокот дека бројот на заболени е за 31,6 отсто поголем во споредба со истиот период минатата сезона, додека во однос на просекот според моделот на последните 16 сезони зголемувањето изнесува дури 73,2 отсто.
Од ИЈЗ информираат дека оваа недела за првпат во сезоната е надминат прагот на вонсезонска активност, при што е регистрирана ниска, односно сезонска активност на грипот на национално ниво. Истовремено, достигнат е и епидемиолошкиот праг за влез во сезоната на грип.
Најголем број новозаболени во текот на извештајната недела се регистрирани во Тетово – 49 случаи. Следуваат Скопје со 38 и Куманово со 19 заболени. Во Радовиш се регистрирани 12 случаи, во Велес осум, во Гостивар седум, во Прилеп пет, а во Струмица три случаи. По двајца заболени има во Ресен, Неготино, Охрид и Штип, додека по еден случај е регистриран во Гевгелија и Македонски Брод.
Од почетокот на сезоната 2026/2027, вкупниот број пријавени случаи на грип достигна 609, со инциденца од 33,2 заболени на 100.000 жители. Споредено со истиот период минатата сезона, кога биле регистрирани 571 случај, има зголемување од 6,7 отсто. Во однос на моделот за последните 16 сезони, кога биле очекувани 466 случаи, зголемувањето изнесува 30,8 отсто.
Кумулативно, најголем број заболени – 198, како и највисока инциденца од 118,6 на 100.000 жители, се регистрирани на територијата на Тетово. Најзастапена е возрасната група од 15 до 64 години, во која се регистрирани 438 случаи, односно 71,9 отсто од вкупниот број заболени.
Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ во текот на 46-тата недела пристигнале 64 примероци за лабораториско тестирање на грип, коронавирус и респираторниот синцицијален вирус (RSV). Од нив, четири примероци биле позитивни на грип: три од типот Influenza A, без дополнителна подтипизација, и еден Influenza A(H3). Дополнително, регистрирани се и три позитивни резултати на SARS-CoV-2.
Од Институтот за јавно здравје потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасната заштита, особено за лицата кои припаѓаат на ризичните групи: постарите од 65 години, децата, лицата со хронични заболувања, бремените жени и здравствените работници.
Вакцинацијата во Македонија започна на 21 октомври и се спроведува во центрите за јавно здравје, нивните подрачни единици и здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се врши преку интернет-страницата www.vakcinacija.mk.
Според податоците на Управата за електронско здравство, досега се вакцинирани вкупно 25.458 лица од ризичните категории со бесплатни вакцини.

