РАБОТОДАВАЧОТ ВИ ИСПЛАТИЛ К-15, ПА БАРА ДА МУ ГИ ВРАТИТЕ ПАРИТЕ Може да одговара и кривично
Еве кој има право на К-15 и што можат да направат работниците ако се соочат со незаконски барања.

Минималниот износ на регресот за годишен одмор (К-15) во приватниот сектор во моментов изнесува 19.415 денари нето. Дел од вработените веќе ја добија исплатата, а работодавачите имаат обврска да го исплатат регресот најдоцна до 31 декември 2026 година.
Висината на минималниот К-15 се пресметува врз основа на 40 проценти од просечната месечна нето-плата исплатена во последните три месеци. Износот може да биде и повисок, во зависност од одлуката на работодавачот и финансиските можности на компанијата. Право на регрес за годишен одмор имаат работниците во приватниот сектор кои биле вработени најмалку шест месеци во календарската година кај истиот работодавач.
Важно е да се напомене дека висината на регресот не мора да биде иста во сите компании, бидејќи основицата за пресметка се утврдува според просечната нето-плата што важи во моментот на донесување на одлуката за исплата. Намалување на регресот под минимално утврдениот износ е можно само во посебни случаи на економско-финансиски тешкотии и со почитување на постапката предвидена со колективниот договор.
Постојат разлики во начинот на пресметување на К-15 меѓу приватниот и јавниот сектор. Во приватниот сектор минималниот регрес изнесува 40 проценти од соодветната основица, додека во јавниот сектор за 2026 година е утврден на 30 проценти од просечната нето-плата исплатена во претходната година. За сите работници кои сè уште не го добиле регресот, крајниот рок за исплата е 31 декември.
Работниците треба да знаат дека исплатата на регресот не е прашање на добра волја на работодавачот, туку право што произлегува од колективните договори. Особено внимание треба да се посвети на случаите кога работодавачот бара од вработениот да му врати дел или цел износ од веќе исплатениот К-15.
Работниците кои ќе се соочат со вакво барање можат да го пријават случајот во Државниот инспекторат за труд, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), полицијата или Јавното обвинителство. Притоа, важно е да ги зачуваат доказите за ваквото барање, како што се СМС-пораки, електронска пошта, преписки или банкарски изводи.
Согласно член 166 став 2 од Кривичниот законик, работодавачот кој ќе побара од работникот да му врати дел од исплатената плата или други надоместоци може да сноси и кривична одговорност, за што е предвидена казна затвор од три месеци до една година. Одговорност може да има и за правното лице, вклучително и со парична казна.
ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ДОСТИГНА 48.733 ДЕНАРИ К-15 во приватниот сектор надмина 19.000 денари

