80 ГОДИНИ НАРОДНА БАНКА Светската банка открива кои се најголемите достигнувања и што следува
Антонела Басани ги издвојува стабилниот банкарски сектор, пристапувањето кон СЕПА и модернизацијата на плаќањата, а најавува и клучна улога на Народната банка во усогласувањето со европските финансиски стандарди.

Народната банка има докажани резултати во зачувувањето на монетарната и финансиската стабилност, а нејзината работа придонесе за создавање стабилен и отпорен банкарски сектор, како и за зајакнување на капацитетите на државата за управување со економијата според европските стандарди. Ова го оценува Антонела Басани, потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, во интервју по повод 80-годишнината од централнобанкарското работење во земјава.
Басани посочува дека осумте децении постоење на Народната банка се доказ дека силните институции се создаваат преку континуирани вложувања, професионализам и посветеност низ генерациите. Таа нагласува дека кредибилна и независна централна банка има особено важна улога во зачувувањето на монетарната и финансиската стабилност, особено во услови на глобална економска и геополитичка неизвесност.
„Групацијата на Светската банка е горда на извонредното партнерство што го градиме со Народната банка во изминативе децении, како и на напредокот што го постигнавме заедно“, истакнува Басани.
Како едни од најзначајните резултати од долгогодишната соработка, таа ги издвојува модернизацијата на платежниот систем, пристапувањето на земјата кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и подготовките за воспоставување национален систем за инстант плаќања, според моделот на Европската централна банка. Според Басани, овие достигнувања се пример како долгорочната институционална соработка може да донесе конкретни придобивки за граѓаните и компаниите, преку поедноставни и поевтини трансакции со европските земји.
Таа посебно нагласува дека овие промени ќе им овозможат на компаниите, особено на малите и средните претпријатија, полесно да инвестираат, да бидат поконкурентни и да го развиваат своето работење. Осврнувајќи се на европската интеграција, потпретседателката на Светската банка оценува дека Народната банка ќе има клучна улога во усогласувањето на финансиската регулатива со европското законодавство.
Тоа, меѓу другото, ќе ги опфати прудентната регулатива, супервизорските практики, управувањето со финансиски кризи, осигурувањето на депозитите и платежните системи, но и новите европски стандарди за одржливи финансии и дигитална отпорност.
80 ГОДИНИ НАРОДНА БАНКА Славески вети независност, стабилност и доверба

