АМЕРИКАНЕЦ СЕ ПРЕСЕЛИЛ ВО БЕЛГРАД И СЕ ШОКИРАЛ ОД РАЗЛИКИТЕ Тука можам да пијам кафе и да дишам, тоа нема цена
По пет години брак со Србинка, Алекс решил со сопругата и трите деца да се пресели во Белград, каде што открил сосема поинаков начин на живот.

Американец се преселил од САД во Белград со сопругата Србинка и нивните три деца, а по една година живот во Србија открил дека културните разлики се многу поголеми отколку што очекувал. Од полните паркови и блискоста на семејствата, до опуштеното темпо на живот и кафето на тераса, Алекс вели дека во Србија пронашол нешто што му недостигало во Америка.
Алекс, кој со сопругата е во брак повеќе од пет години, одлучил да се пресели во една белградска населба по периодот во кој го искусил животот и ноќниот живот во Њујорк и Лос Анџелес. Иако работно сè уште е поврзан со Америка и работи од дома, секојдневието го гради во Србија. Во разговор за Јутјуб-каналот „Attic Life“, тој ги споделил своите искуства за животот во Белград, односите со семејството на сопругата и разликите во воспитувањето на децата.
Една од работите што најмногу го изненадиле се односите со семејството на сопругата. За разлика од искуствата на неговите браќа, кои имале комплицирани односи со роднините по брак, Алекс вели дека кај него ситуацијата е сосема поинаква.
„Тие секогаш се на моја страна. Можеби затоа што не зборувам доволно српски, а мојата свекрва не зборува англиски. Никогаш не сме се скарале. Не знам дали е затоа што ме сакаат или затоа што не можеме вистински да комуницираме, но многу ја сакам“, раскажува Алекс.
Тој додава дека од семејството на сопругата добил исклучиво љубов и поддршка и дека е многу благодарен за тоа.
„Тука, кога одите во парк, секогаш е полн со деца. Тоа не е така во Америка. Луѓето таму сакаат да имаат своја куќа, двор и приватно игралиште. Во Србија, каде што дворовите се помали и просторот е ограничен, сите излегуваат во паркот. Секогаш има некој таму“, објаснува тој.
Особено му се допаѓа глетката на постари луѓе кои седат на клупите и ги набљудуваат децата додека си играат.
„Во Америка, ако видите возрасен маж како седи и гледа деца, веднаш би се запрашале зошто е таму. Тука е поинаку, сè е опуштено и природно. Сакам моите деца да растат така – да бидат внимателни, но да не се плашат од светот“, вели Алекс.
Алекс се потсетил и на периодот на пандемијата, кога неговата сопруга била бремена. Тогаш забележал уште една разлика во однесувањето на луѓето.
„Кога сопругата беше бремена, никогаш не чекаше во ред. Луѓето секогаш ја пуштаа да помине. Тоа не постои во Америка – таму бремената жена чека како сите други. Тоа навистина ме изненади“, раскажува тој.
Позитивни впечатоци има и од градинката во која одело неговото најстаро дете. Според Алекс, воспитувачите во Србија покажуваат многу повеќе непосредна блискост и нежност кон децата отколку што е вообичаено во американските установи.
„Тука добивам фотографии и видеа од патувањата и гледам како ги прегрнуваат и бакнуваат децата, како им покажуваат љубов. Во Америка тоа е незамисливо, бидејќи не можете да прегрнете дете, а некој да не го протолкува погрешно и да ве пријави“, вели Алекс.
Иако го смета Њујорк за град со огромни можности, Алекс признава дека тоа не значи дека секој може да биде среќен таму.
„Во Њујорк, бездомник седи на едната страна од возот, а милионер на другата. Сите се таму. Ако сакате можности, тоа е најдоброто место. Но, ако одите само за да се дружите, нема да бидете среќни“, објаснува тој.
Сопственото искуство го наведува како пример: додека работел во бар во Њујорк, ја запознал идната сопруга, која тогаш работела како келнерка, а меѓу гостите го запознал и еден од најважните деловни соработници. Сепак, смета дека и во Србија може да се најдат добри деловни можности, но човек мора сам да ги создаде.
„Во Америка мора постојано да работите, да бидете продуктивни, да ги плаќате сметките и киријата. Во Србија можам да забавам. Се будам, пијам кафе на терасата и дишам. Тоа нема цена“, вели Алекс.
Сепак, животот во Белград не е без проблеми. При реновирањето на станот и дворот се соочил со тешкотии да најде сигурни мајстори кои ќе дојдат навреме и ќе ја завршат договорената работа.
„Многу е тешко да најдете луѓе кои ќе дојдат на време и ќе ја завршат работата. Тоа ми создаваше проблеми“, признава тој.
Една од работите на кои најтешко се навикнал е различниот однос кон приватноста. Алекс објаснува дека Американците многу ја ценат личната приватност, додека во Србија семејните посети се многу почести и често се случуваат без претходна најава.
„Роднините на сопругата доаѓаат кога сакаат, без да се најават. Тоа е убаво, но за некој што доаѓа од друга култура може да биде тешко“, вели тој.
Сепак, признава дека блискоста на семејството има и практични предности, особено кога станува збор за грижата за децата и секојдневните обврски. Според него, во Србија секогаш постои семејна поддршка и можност човек да почне одново доколку работите не одат според планот.
„Ако не успеете во нешто во Србија, знаете дека секогаш имате каде да се вратите. Дури и ако сè пропадне, можете да почнете од почеток. Тоа е еден вид американски сон во Србија“, смета Алекс.
И покрај позитивните искуства, Алекс признава дека една работа од американскиот живот особено му недостасува – атмосферата во традиционалните американски барови.
„Има нешто посебно во американскиот бар. Седите на шанкот, разговарате со шанкерот или со непознати луѓе. Тоа е место за дружење“, објаснува тој.
Според него, во Србија луѓето почесто седат на маси во пабовите, пијат пиво и разговараат со друштвото, но недостасува непосредната атмосфера на американските барови, особено во белградските предградија.
Иако некои навики од Америка сè уште му недостасуваат, Алекс вели дека во Србија пронашол нешто што тешко се мери со пари – побавно темпо на живот, блискост со семејството и чувство дека секој ден има време и за нешто повеќе од работата.

