БУЏЕТСКА И ПЕНЗИСКА РАСПРАВА ВО СОБРАНИЕТО Што се менува во пензиските столбови

Комисијата за финансирање и буџет ја продолжува расправата за Предлог-буџетот за 2027 година, додека власта и опозицијата остануваат на спротивставени позиции.

БУЏЕТСКА И ПЕНЗИСКА РАСПРАВА ВО СОБРАНИЕТО Што се менува во пензиските столбови
Фото: Национал

Комисијата за финансирање и буџет треба да ја продолжи дебатата за државната каса за следната година, по тридневната расправа во која власта и опозицијата излегоа со целосно спротивставени оценки за планираните приходи и расходи.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека предложениот буџет претставува продолжување на фискалната консолидација, зачувување на стабилноста на јавните финансии и создавање услови за економски раст и реализација на развојни инвестиции.

СДСМ, пак, смета дека станува збор за буџет без визија, кој не нуди ниту отчетност ниту вистински развој.

Покрај расправата за буџетот, во Собранието денеска заседаваа и Законодавно-правната комисија и Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Комисијата за социјална политика ги разгледа и ги проследи на натамошна постапка предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Двата предлог-закона се во второ читање.

Во расправата за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, пратеникот Сали Мурати од Европскиот фронт поднесе 11 амандмани, оценувајќи дека предложените законски решенија не се доволно прецизни, јасни и функционални.

Мурати истакна дека ја поддржува реформата и зајакнувањето на вториот пензиски столб, но изрази несогласување со одредени решенија. Тој посочи дека не може да прифати граѓаните да бидат обврзани да плаќаат придонеси, а истовремено да им биде ограничена можноста за сигурно инвестициско портфолио.

Комисијата прифати само еден од неговите 11 амандмани, кој се однесува на техничко усогласување. Мурати поднесе и дополнителни 10 амандмани на предлог-законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, но ниту еден од нив не беше прифатен.

Комисијата ја прекина седницата пред разгледувањето на третата точка од дневниот ред, која се однесува на измените и дополнувањата на Законот за семејството. За продолжување на расправата ќе биде дополнително објавен нов термин.

Во меѓувреме, Законодавно-правната комисија на дневен ред има повеќе предлог-закони во второ читање, меѓу кои измените на законите за Фондот за осигурување на депозити, земјоделство и рурален развој, задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и семејство, како и предлогот за престанување на важењето на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.

CATEGORIES
Share This