ПО СКАНДАЛОТ СО СИГНАЛ Пентагон го затегнува пристапот до информации

Аналитичарите предупредуваат дека со овие мерки Пентагон се позиционира како една од најзатворените институции во администрацијата на Трамп, со сè поголеми рестрикции за медиумското покривање.

ПО СКАНДАЛОТ СО СИГНАЛ Пентагон го затегнува пристапот до информации
Фото: Икс

Министерството за одбрана на САД воведе нови, построги правила за пристап на новинарите во седиштето на Пентагон. Според меморандумот потпишан од шефот на Пентагон, Пит Хегсет, претставниците на медиумите отсега ќе мора да имаат официјална дозвола и придружба при движење низ делови од зградата, особено во близина на кабинетот на Хегсет.

Новите регулативи предвидуваат задолжително присуство на придружник и при посета на канцелариите на Одделот за односи со јавноста и други клучни воени сектори. Дополнително, новинарите ќе бидат обврзани да потпишат документ за заштита на „чувствителни информации“, мерка која, според критичарите, може да се искористи како алатка за цензура.

Иако пристапот не е целосно забранет, новите правила значително го ограничуваат контактот на медиумите со раководството на Пентагон. Промените се оправдуваат со „ажурирани безбедносни процедури“ кои имаат за цел да го намалат ризикот од „ненамерни откривања“. Новинарите ќе добијат нови акредитации со јасна ознака „PRESS“.

Регулативите следуваат по неодамнешниот скандал поврзан со користењето на апликацијата Signal од страна на Хегсет и членови на кабинетот на претседателот Доналд Трамп, преку која се воделе чувствителни разговори за воздушните напади во Јемен. Случајот излезе во јавноста кога по грешка беше додаден новинар од списанието The Atlantic во групната комуникација. Генералниот инспектор на Пентагон сè уште ја истражува ситуацијата.

Аналитичарите предупредуваат дека со овие мерки Пентагон се позиционира како една од најзатворените институции во администрацијата на Трамп, со сè поголеми рестрикции за медиумското покривање. Овој потег се надоврзува на веќе постоечките ограничувања, меѓу кои и иселувањето на новинарите од нивните работни простории и затворањето на прес-салата.

CATEGORIES
Share This