ВЕЧЕРВА: ДВА ОРКЕСТРА, ДВА ГРАДА, ЕДНА СЦЕНА „Профундис“ од Скопје и „Камерата“ од Нови Сад за првпат на сцената на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ

Со ваквите проекти, „Профундис“ продолжува да ја развива својата уметничка мисија, да воспоставува меѓународни соработки и да ја збогатува концертната сцена со внимателно осмислени музички продукции.

ВЕЧЕРВА: ДВА ОРКЕСТРА, ДВА ГРАДА, ЕДНА СЦЕНА „Профундис“ од Скопје и „Камерата“ од Нови Сад за првпат на сцената на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ
Фото: Press Team

Вечерва, во 20:00 часот, во Големата сала на Македонската филхармонија, Камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје и оркестарот „Камерата“ од Нови Сад ќе настапат како еден голем музички состав, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Музичарите од двата града ја споделуваат сцената во изведба во која оркестарот е вистинскиот главен актер. Наместо два ансамбли што настапуваат еден покрај друг, публиката ќе слушне една музичка целина, изградена од искуствата, изведувачките сензибилитети и уметничката енергија на двата оркестри.

„За мене, посебната вредност на овој концерт е во тоа што на сцената нема да имаме два оркестри кои само настапуваат еден покрај друг, туку два ансамбли кои преку заедничката работа создаваат една музичка целина. Соработката со Камерата ни овозможува да го прошириме музичкиот простор, да ја почувствуваме силата на поголемиот ансамбл и да создадеме изведба во која оркестарот е вистинскиот главен актер. Верувам дека публиката ќе ја препознае енергијата, посветеноста и музичката комуникација што стојат зад овој проект“, вели маестра Ѓурѓица Дашиќ, основач и диригент на „Профундис“.

Вечерната програма обединува четири дела од различни епохи и стилови. Публиката ќе ја доживее возвишената и полифонична звучност на „Фантазија на тема од Томас Талис“ од Ралф Вон Вилијамс, ритмичката динамика и современиот израз на „Последен круг“ од Освалдо Голијов и „Свита за гудачки оркестар“ од македонскиот композитор Стојан Стојков, а вечерта ќе ја заокружи темпераментната и виртуозна „Свита Кармен“ од Жорж Бизе, во оркестарска обработка на Родион Шчедрин.

Од суптилноста на музичките линии до ритмичката енергија и драматичните контрасти, секое дело носи поинаков предизвик и ја покажува ширината на изразните можности на заедничкиот ансамбл.

ЗА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „ПРОФУНДИС“ (МК)

Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, ансамблот се позиционира како еден од најактивните камерни состави во Македонија, обединувајќи истакнати македонски инструменталисти од различни генерации и создавајќи препознатлив уметнички израз.

Визијата на „Профундис“ е создавање професионален камерен оркестар посветен на изведба на комплексен и разновиден репертоар – од капитални дела на класичната музика до современи композиции и праизведби на дела од македонски и странски автори. Оркестарот активно ги поддржува домашните уметници и композитори, а преку соработки со реномирани солисти од светот ја збогатува својата концертна дејност.

Препознатлив по својата иновативност, оригинални концертни концепти и високи изведувачки стандарди, „Профундис“ реализираше настапи на значајни фестивали и концертни сцени во Македонија и регионот, меѓу кои „KotorArt“ (Црна Гора), „Sofia Music Weeks“ (Бугарија), „Sorrento Music Festival“ и „Ravanelius“ (Италија). Оркестарот е познат и по своите авторски проекти, меѓу кои се издвојуваат концертните концепти „Candlelight“ и „Groove“.

ЗА ОРКЕСТАРОТ „КАМЕРАТА НОВИ САД“ (СРБ)

„Камерата Нови Сад“ е професионален камерен оркестар со традиција што започнува во 1988 година. Основан како „Камерата Академика“ при Академијата на уметностите во Нови Сад, ансамблот низ годините се развива во еден од препознатливите музички состави на српската концертна сцена.

Неговиот репертоар опфаќа дела од барокот и класицизмот до современата музика, со посебен акцент на уметничката соработка и иновативните концертни проекти. Оркестарот настапува на значајни фестивали во регионот и пошироко, меѓу кои „Охридско лето“, БЕМУС и „KotorArt“.

Во 2022 година, во рамките на проектот „Нови Сад – Европска престолнина на културата“, ансамблот го добива статусот на официјален градски камерен оркестар под името „Камерата Нови Сад“. Во 2025 година е прогласен за Оркестар на годината во изборот на списанието „Музика Класика“.

Со својата богата традиција, уметнички квалитет и отвореност кон нови музички соработки, „Камерата Нови Сад“ е значаен партнер во заедничкиот проект со „Профундис“.

CATEGORIES
Share This