МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ НЕ МОЖЕ ДА ГО СОЗДАДЕ НЕКОЈ ВО 19 ИЛИ 20 ВЕК Мисирков и по еден век испраќа силна порака
Академик Ќулавкова порача дека македонскиот идентитет постои векови наназад, а Цветанова нагласи дека автономијата на Македонија за Мисирков била предуслов за зачувување на самобитноста на народот.

Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во рамките на третото издание на Мисирковите денови, беа промовирани две научни монографии посветени на животот, делото и мислата на Крсте Петков Мисирков, еден од најзначајните личности во македонската национална и културна историја.
Станува збор за книгите „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: За македонскиот идентитет и за нацијата“ од проф. д-р Ганка Цветанова и „Окружението на Мисирков“ од проф. д-р Димитар Пандев.
Годинашната манифестација е посветена на еден век од смртта на Мисирков (1874 – 1926), филолог, славист, историчар, публицист и кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис.
Промовирајќи ја монографијата на Цветанова, академик Катица Ќулавкова истакна дека Мисирков е основоположник на современиот македонски социолошки дискурс, но и прв култен теоретичар на македонскиот културен и јазичен идентитет.
Според неа, неговите теориски концепции имаат централно место во обликувањето на критичкото толкување на националните, културните и политичките феномени во македонската научна мисла.
„Македонскиот идентитет постои векови наназад, значи не може да го создаде некој во 19 или 20 век, иако неговата научна концептуализација и политичка автономија се артикулираат доста широко дури во втората половина на 19 и на самиот почеток на 20 век, ете најпрецизно артикулирана кај Крсте Петков Мисирков“ истакна Ќулавкова.
Таа посочи дека Мисирков ја скицира политичката концепција на македонската нација не само врз етничките постулати, туку и врз социјалните и политичките фактори, како што се политичката автономија, граѓанската еднаквост, заедничката држава, културата и чувството на припадност.
Авторката Ганка Цветанова објасни дека нејзината студија нуди поинакво читање на творештвото на Мисирков, ставајќи го во преден план неговиот социолошки придонес. Таа посочи дека Мисирков отвора значајни прашања за заедничката припадност, јазикот, културата, социјалните врски, колективната меморија и културната традиција како темели на националниот идентитет.
„Ако постои една константа во мисловниот корпус на Мисирков, тоа е автономијата на Македонија, но не автономијата како политичка цел самата за себе, туку како императив за зачувување на самобитноста на македонскиот народ“ истакна Цветанова.
Таа нагласи дека Мисирков автономијата ја гледал како предуслов за севкупниот културен, економски и научен развој на Македонија и македонскиот народ. Посебно внимание Цветанова посвети и на Мисирковиот научно аргументиран обид за стандардизација на македонскиот литературен јазик.
„Мисирков ќе рече дека со разрешување на јазичното прашање се разрешува целокупното македонско прашање. И дека создавањето македонски литературен јазик е, всушност, рамносилен чин на одвојувањето на македонската народност од групата на Јужни Словени“ истакна Цветанова.
Според неа, Мисирков бил теоретичар пред појавата на современите теории за нацијата и национализмот и визионер за државноста пред создавањето на македонската држава.
Втората промовирана монографија, „Окружението на Мисирков“ од проф. д-р Димитар Пандев, го осветлува интелектуалниот и научниот круг во кој се формирала неговата мисла.
Книгата ги опфаќа неговите професори, ментори, соученици, современици, сомисленици, но и противници, како и македонските ученички и студентски здруженија во чии активности учествувал. Промоторката проф. д-р Лилјана Гушевска посочи дека во книгата се претставени и неговите претходници, како Прличев, неговите наследници, меѓу кои Конески, како и истражувачите на неговото дело, особено Блаже Ристовски и Гане Тодоровски.
Авторот Димитар Пандев се осврна и на влијанието на неговиот професор Тимофеј Флорински, со кого Мисирков имал различни ставови, но чии научни влијанија ги пренасочил кон лингвистиката. Организатори на Мисирковите денови беа петте национални институти: за национална историја, за македонски јазик, за фолклор, за македонска литература и за старословенска култура.

