МАСК ПОДГОТВУВА АВТОМОБИЛСКА РЕВОЛУЦИЈА ВО ГЕРМАНИЈА 3 милијарди евра за милион роботакси годишно
Компанијата најавува изградба на нов производствен погон за целосно автономните возила „Сајберкеб“, стотици нови работни места и огромно проширување на производствените капацитети.

Американскиот автомобилски гигант „Тесла“ планира инвестиција од три милијарди евра за проширување на својата фабрика во Гринхајде, недалеку од Берлин, каде што ќе изгради нов производствен погон за автономни такси-возила од моделот „Сајберкеб“ (Cybercab). Од компанијата најавија дека станува збор за амбициозен проект со кој фабриката треба да стане технолошки најнапредниот производствен комплекс на „Тесла“ во светот.
Новата производствена хала ќе има капацитет за производство на дури еден милион роботакси возила годишно.
Според плановите на американската компанија, изградбата на новиот погон треба да започне во првата половина на 2027 година, додека почетокот на производството е предвиден за 2029 година. За реализација на проектот ќе бидат ангажирани неколку стотици нови работници, кои ќе работат на изградбата и подготовката на производствените капацитети.
„Ги поставуваме темелите за технолошки најнапредната фабрика на Tesla во светот“, соопштија од компанијата.
„Тесла“ планира до крајот на годината да поднесе барање за градежна дозвола за новиот објект, заедно со документацијата за проширување на фабричкиот комплекс, која првпат беше доставена во 2023 година. Инвестицијата од три милијарди евра, покрај новата производствена хала, ќе опфати и придружни објекти и постројки за третман на отпадни води.
Големата инвестиција доаѓа откако „Тесла“ претходно се откажа од планираното проширување поради падот на продажбата, но сега повторно ги активираше плановите по закрепнувањето на побарувачката. Според податоците на германската Федерална управа за моторни возила (KBA), продажбата на автомобилите „Тесла“ во Германија во октомври се зголемила речиси четирикратно.
Од јануари до октомври биле регистрирани 47.742 возила на американскиот производител, што е приближно трипати повеќе во споредба со истиот период минатата година. Компанијата неодамна објави и дека планира да го зголеми производството на 7.500 автомобили неделно, односно околу 375.000 годишно, како и да ги прошири капацитетите за производство на батериски ќелии.
Во октомври, во фабриката на „Тесла“ во Гринхајде биле вработени 12.600 работници. Портпаролка на компанијата потврдила дека во последните неколку месеци биле ангажирани уште 2.000 работници, што дополнително ја потврдува намерата на американскиот производител да ја зајакне својата производствена база во Германија.
Со новата инвестиција, „Тесла“ планира Гринхајде да го претвори во еден од клучните центри за идното производство на автономни возила.

