ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ СЕ ЖАЛАТ, СТАТИСТИКАТА ПОТВРДИ Откупот падна за дури 13,5 проценти

Откупот од индивидуалните земјоделски производители во третиот квартал е намален за дури 13,5 проценти, а вкупниот откуп и продажба на земјоделски производи бележат пад од 8,8 проценти во споредба со истиот период лани.

ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ СЕ ЖАЛАТ, СТАТИСТИКАТА ПОТВРДИ Откупот падна за дури 13,5 проценти
Фото: Принтскрин

Жалбите на земјоделците за состојбите во аграрот добија потврда и во официјалните статистички податоци. Државниот завод за статистика објави дека во третиот квартал од годинава е забележан значителен пад на откупот и продажбата на земјоделски производи во споредба со истиот период минатата година.

Најголем пад е регистриран кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители, кој е намален за 13,5 проценти. Намалување има и кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство, каде што е забележан пад од 3,7 проценти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупниот откуп и продажба на земјоделски производи во третиот квартал изнесувале 4,7 милијарди денари, односно речиси 77 милиони евра. Но, споредбата со истиот период лани покажува уште понеповолна слика. Во третиот квартал минатата година вкупниот откуп и продажба изнесувале 84,4 милиони евра.

Тоа значи дека годинава вредноста е намалена за 8,8 проценти, односно за повеќе од седум милиони евра. Податоците укажуваат на намалување на вредноста на земјоделскиот откуп и продажба, при што особено загрижува падот кај откупот од индивидуалните земјоделци.

Официјалните бројки повторно го ставаат во фокус прашањето за економската исплатливост на земјоделското производство и условите во кои работат домашните производители.

CATEGORIES
Share This