АНБ РАЗОТКРИ ИРАНСКА ТЕРОРИСТИЧКА МРЕЖА ВО МАКЕДОНИЈА Криминалци подготвувале атентат во Грција
Шест лица се опфатени во истрагата, четири се во притвор, едно во куќен притвор, а по шестото активно се трага. Акцијата траела меѓу девет и десет месеци, а тајните средби на осомничените се одржувале и во Иран.

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) разоткрила мрежа од лица поврзани со ирански разузнавачки структури, кои преку македонски криминални кругови подготвувале терористички акт, односно атентат врз лице во Грција. Директорот на АНБ, Бојан Христовски, соопшти дека операцијата траела меѓу девет и десет месеци и била реализирана во соработка со грчката национална разузнавачка агенција, други странски партнерски служби и македонското Министерство за внатрешни работи.
Според Христовски, домашната мрежа била поврзана со иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маванех, за кого постојат индиции дека соработува со иранските безбедносно-разузнавачки служби и има врски со иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зинташки.
„Станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземале подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт, односно атентат врз претходно дефинирано лице, таргет лоциран во Грција“, изјави Христовски.
Во рамките на оперативно-техничките и аналитичките активности, АНБ ги разоткрила контактите и начинот на функционирање на мрежата. Според информациите на Агенцијата, припадниците одржувале конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и во Иран, каде биле потврдени нивните врски со Маванех, кој бил главен носител на планираната терористичка акција.
Директорот на АНБ посочи дека ваквите активности се вклопуваат во пошироките обиди на иранските разузнавачки структури да користат криминални прокси-мрежи во трети земји за спроведување и прикривање на нивните операции. Во акцијата се опфатени шест лица. Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, потврди дека на четири лица им е определен притвор, едно е во куќен притвор, додека шестото лице сè уште не е достапно за органите на прогонот и по него се трага.
Христовски, одговарајќи на прашањето дали постојат сознанија за потенцијални терористички напади на македонска територија, нагласи дека АНБ во моментов нема такви информации. Од Агенцијата најавија дека ќе продолжат со разузнавачките и оперативните активности во координација со домашните и странските партнерски служби, со цел откривање на евентуални ирански прокси-мрежи и спречување на потенцијални терористички закани.

