ШЕСТ ОБИДИ ЗА ПРОДАЖБА НА АЛТА БАНКА Цената ќе се намалува за 10 отсто по секоја неуспешна аукција

Народната банка објави постапка за продажба на 95,336 отсто од акциите на АЛТА банка АД Битола, кои се во сопственост на „Алта банка“ АД Белград – во стечај.

ШЕСТ ОБИДИ ЗА ПРОДАЖБА НА АЛТА БАНКА Цената ќе се намалува за 10 отсто по секоја неуспешна аукција
Принтскрин

Народната банка ја започна постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет во „АЛТА банка“ АД Битола, при што на продажба се нудат 95,336 отсто од акциите на Банката. Целта е да се обезбеди нов сопственик кој ќе овозможи продолжување на работењето и натамошна стабилизација на Банката.

Предмет на продажба се вкупно 372.742 обични акции, кои се во сопственост на „Алта банка“ АД Белград во стечај.

Продажбата ќе се реализира преку Македонската берза на хартии од вредност, по моделот „сè или ништо“. Тоа значи дека заинтересираните инвеститори ќе мора да го купат целиот понуден пакет, без можност за делумно преземање на акциите. Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година, со почетна цена од 3.777 денари за една акција.

Доколку на првата аукција не се најде купувач, продажбата ќе продолжи преку нови аукции на 1, 2, 3, 4 и 7 декември. При секој следен обид, почетната цена ќе биде намалена за 10 отсто во однос на цената од претходната аукција.

Заинтересираните инвеститори имаат рок најдоцна до 19 ноември да достават барање до Народната банка за добивање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во Банката. Покрај тоа, треба да поднесат и писмена изјава дека располагаат или ќе ги обезбедат потребните средства за купување на акциите.

Право на учество на берзанските аукции ќе имаат само инвеститорите кои ги исполнуваат законските услови за стекнување сопственост во банка. Од Народната банка посочуваат дека постапката е дел од активностите за обезбедување нов сопственик на „АЛТА банка“, со цел да се овозможи продолжување на нејзиното работење и да се заштитат интересите на штедачите и останатите клиенти.

CATEGORIES
Share This