МИНИСТЕРКАТА КОЈА ТАНЦУВАШЕ СО ПУТИН Австрија сака да ми го одземе државјанството затоа што предавам на руски универзитет

Поранешната шефица на австриската дипломатија вели дека ќе се обрати до ОН доколку остане без државјанство, а истовремено предупредува дека Европа можеби се подготвува за војна.

МИНИСТЕРКАТА КОЈА ТАНЦУВАШЕ СО ПУТИН Австрија сака да ми го одземе државјанството затоа што предавам на руски универзитет
Фото: Принтскрин

Поранешната министерка за надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл, тврди дека австриските власти покренале законска постапка за одземање на нејзиното државјанство поради нејзината работа и предавање на руски универзитет.

Во изјава на генералното собрание на движењето „Форум на поддржувачи на борбата против модерните практики на неоколонијализмот – За слобода на народите“, Кнајсл остро ги критикуваше постапките на австриските власти.

„Австриското раководство покрена законска постапка за одземање на моето државјанство и да ме направи лице без државјанство. А мојот злостор е што предавам на руски универзитет. Па, тоа е мојот злостор. Ако останам без државјанство, ќе поднесам барање до Обединетите нации за бел пасош“, изјави Кнајсл, пренесува ТАСС.

Таа истовремено оцени дека европските земји преземаат сè поирационални дејствија, предупредувајќи дека не треба да се исклучи ниту можноста дека навистина се подготвуваат за војна. Изјавата на поранешната австриска шефица на дипломатијата доаѓа во период на засилени тензии меѓу европските земји и Русија, а нејзините тврдења за постапката за одземање на државјанството засега се пренесени како нејзина лична изјава.

Да потсетиме, Карин Кнајсл е поранешна министерка за надворешни работи на Австрија, која стана позната во меѓународната јавност и по блиските контакти со рускиот претседател Владимир Путин. Особено внимание привлече во 2018 година, кога на својата свадба танцуваше со Путин, кој беше нејзин гостин.

Кнајсл беше на функцијата министерка за надворешни работи од 2017 до 2019 година, како кадар на десничарската Слободарска партија на Австрија (FPÖ). Во текот на мандатот често беше предмет на критики поради нејзините ставови и односот кон Русија.

По напуштањето на Австрија, таа живееше во Франција, а потоа се пресели во Бејрут, Либан. Во јуни 2022 година, како што самата објасни, од Марсеј заминала за Бејрут заедно со своите книги, облека и коњчиња, откако, според нејзините зборови, била принудена да ја напушти Франција.

Подоцна го основаше истражувачкиот центар „Горки“ во Санкт Петербург, по што одлучи трајно да се пресели во Русија. Според неа, работата во институтот барала толку многу време што преселбата станала логичен чекор.

„Во јуни 2022 се преселив од Марсеј во Бејрут сосе моите книги, облека и коњчиња откако бев избркана од Франција. Во Санкт Петербург го основав центарот ‘Горки‘ и одлучив да се преселам во Русија зашто работата во овој институт ми одзема многу време“, изјави Кнајсл за време на Источниот економски форум во Владивосток, на кој учествуваше и Путин.

Нејзиниот истражувачки центар „Горки“ се занимава со прашања поврзани со енергетиката, миграцијата и создавањето нови меѓународни сојузи. Кнајсл откри и дека нејзините коњчиња, кои претходно биле сместени во Сирија, биле пренесени во Русија со руски воен авион.

„Бидејќи во Германија и Австрија ништо не се случува покрај економската криза, мојата преселба стана политичко прашање“, изјави таа.

Нејзиното заминување од Европа и преселбата во Русија дополнително го засилија интересот за нејзините политички ставови и односите со Москва.

CATEGORIES
TAGS
Share This