МИЦКОСКИ ОД БРИСЕЛ СО ЖЕСТОКА ПОРАКА ПО БРУТАЛНИОТ НАПАД ВО ОХРИД Сторителот мора да биде изведен пред правдата

Премиерот ја прекина најавената тема за евроинтеграциите и прво се обрати за насилството врз младата охриѓанка, порачувајќи дека институциите ќе направат сè за напаѓачот да биде изведен пред лицето на правдата.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, од Брисел упати жестока осуда за бруталниот напад врз 26-годишната девојка во Охрид, порачувајќи дека институциите ќе ги преземат сите неопходни мерки сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.

По денешните работни состаноци во белгиската престолнина, премиерот истакна дека веста за насилството длабоко го потресла, поради што одлучил своето обраќање да го започне со овој случај, наместо со евроинтегративните активности и разговорите што ги имал во Брисел.

„Ова мое денешно обраќање требаше да биде на сосема поинаква тема, да зборуваме за содржината на состаноците коишто ги имавме денес овде, за борбата којашто ја водиме за Македонија во Белгија, Брисел.

Но, за жал, до мене стигна ужасната вест којашто ги потресе охриѓани, но и генерално граѓаните на Македонија, за инцидентот и претепувањето на младата девојка.

Ја користам оваа прилика да изразам жалење и жестоко да го осудам дивјаштвото коешто се случува“, порача Мицкоски.

Премиерот, нагласувајќи дека зборува и како човек и како родител, татко, брат и сопруг, упати поддршка до семејството на нападнатата девојка и вети дека Владата ќе направи сè за сторителот да одговара.

„Сакам да изразам поддршка до семејството на девојката и да ветам дека сè ќе сториме како институција и јас како претседател на Владата, лицето коешто го сторило овој ужасен напад да биде изведено пред лицето на правдата“, истакна премиерот.

Остра осуда за насилството упати и портпаролката на Владата, Марија Митева, која преку објава на Фејсбук побара Јавното обвинителство да реагира итно и без одолговлекување.

„Очекувам Јавното обвинителство да дејствува итно, без одолговлекување. Случајот мора целосно да се расчисти и да има правда! Насилството е недозволиво, нема оправдување, ниту смее да има премолчување или релативизирање“, порача Митева.

Нејзината реакција доаѓа по информацијата дека Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против 31-годишниот охриѓанец за три кривични дела „телесна повреда“, „противправно лишување од слобода“ и „загрозување на сигурноста“, а до Основниот суд во Охрид достави и предлог за определување мерка притвор.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста поради бруталноста на нападот, при кој 26-годишната девојка се здобила со тешки телесни повреди.

CATEGORIES
Share This