ПРВОТО ДЕТЕ ГО РОДИЛА НА 21, ВТОРОТО НА 51, А СЕГА НА 60 ГОДИНИ ПОВТОРНО Е БРЕМЕНА Нејзината приказна ги изненади сите
Британската лекарка Рене Хендеркамп забременила со помош на замрзнати јајце-клетки и по три обиди за ин-витро оплодување во Полска, откако клиниките во Британија ја одбиле поради возраста.

Британската лекарка и телевизиска водителка Рене Хендеркамп (59), која наскоро ќе наполни 60 години, повторно ќе стане мајка. Таа во телевизиска емисија во живо на британската телевизија „GB News“ откри дека е бремена во 12. недела и дека го очекува своето трето дете – девојче. Веста ги изненади нејзините колеги во студиото, бидејќи никој не знаел дека е бремена. Хендеркамп откри дека зад нејзината бременост стои долг и тежок пат, кој вклучувал три обиди за медицински потпомогнато оплодување.
„Имам една вест што денес сакам да ја споделам со колегите, а за која тие, како и сите други, сè уште не знаат. Наскоро ќе станам мајка на три деца, бидејќи моментално сум во 12. недела од бременоста“, изјави таа.
Колегите останале во неверување, а подоцна ѝ приредиле и посебно изненадување со торта во розова и сина боја, со која ѝ го откриле полот на бебето.
Хендеркамп објаснила дека бременоста ја постигнала со помош на претходно замрзнати јајце-клетки и ин-витро оплодување во Полска. Причината поради која побарала помош во странство е тоа што клиниките во Велика Британија ја одбиле поради нејзината возраст. За да ја оствари желбата повторно да стане мајка, поминала низ три обиди за ИВФ, од кои првите два не биле успешни.
„Нема да се преправам дека ова беше лесен пат, затоа што не беше. Беа потребни три обиди. Седев во оваа емисија знаејќи дека постапката низ која штотуку поминав не успеа“, открила таа.
Хендеркамп зад себе има две различни искуства со мајчинството. Синот Калум го родила кога имала 21 година. Денес тој има 37 години и веќе има свое семејство. Три децении подоцна, на 51 година, ја родила ќерката Алис, која денес има седум години. Интересно е што Алис се родила само два месеца пред нејзината внука Изабела, ќерката на Калум, па тетката и внуката се речиси врснички.
Водителката претходно открила дека двете девојчиња се многу блиски.
Иако е среќна што повторно ќе стане мајка, Хендеркамп признава дека нејзините одлуки предизвикале и бројни негативни реакции. Дел од критиките биле насочени кон нејзината возраст, а некои ја обвинувале дека е себична затоа што одлучила да има дете во подоцнежните години.
„Ми велеа дека сум себична. Ме прашуваа: Што ако умреш за пет години? Се грижам за својата физичка кондиција и се надевам дека тоа нема да се случи, но, секако, можно е“, раскажала таа.
Сепак, смета дека возраста сама по себе не треба да биде причина жената да се откаже од желбата за мајчинство.
„Алис има прекрасен живот. Таа го обожава својот живот и се надевам дека така ќе биде и со ова дете. Што би било подобро? Никогаш да не добијат можност да живеат?“, изјавила Хендеркамп.
За мајчинството во подоцнежните години говорела и во 2023 година, во текст објавен во „Дејли меил“, кога истакнала дека, според сопственото искуство, полесно ѝ било да добие дете на 51 отколку на 21 година. Како лекарка, Хендеркамп е свесна дека бременоста во подоцнежна возраст може да носи зголемени здравствени ризици и можност за генетски компликации. Сепак, смета дека современата медицина, напредните методи за следење на бременоста и медицинските тестирања овозможуваат подобра контрола и информираност.
Нејзината приказна повторно ја отвори дебатата за мајчинството во подоцнежните години, границите на медицински потпомогнатото оплодување и личното право на жените да одлучуваат за своето семејство.

