НОВИ ОБВИНУВАЊА ПРОТИВ МОСКВА Финска тврди дека Русија подготвува саботажи низ Европа, Естонија размислува за затворање на границата

Во меѓувреме, Естонија повика на чекори за затворање на источната граница, а руското Министерство за надворешни работи најави дека ќе ги испита информациите.

НОВИ ОБВИНУВАЊА ПРОТИВ МОСКВА Финска тврди дека Русија подготвува саботажи низ Европа, Естонија размислува за затворање на границата
Фото: Принтскрин

Нов бран тензии меѓу Русија и европските земји поради безбедносните закани, можни саботажи и контролата на источните граници. Финска предупредува на зголемена опасност од руски саботажни активности низ Европа, додека Естонија разгледува можност за затворање на границата со Русија.

Финскиот министер за одбрана Анти Хеканен денеска ја обвини Русија дека подготвува бројни саботажни активности низ Европа. Според неговата оценка, Москва е „очајна“ поради тоа што воените операции на украинскиот фронт не се одвиваат според нејзините очекувања. Хеканен предупреди дека заканата од саботажи на европска територија е зголемена и посочи дека Финска веќе го подигнала нивото на подготвеност.

„Кога станува збор за безбедноста на границите, веќе сме отишле доста далеку. Нивото на закана брзо се прилагодува врз основа на препораките на безбедносните власти. Нивото на заштита на критичните објекти е исто така затегнато“, изјави Хеканен, пренесува финскиот јавен сервис Иле.

Во меѓувреме, естонската премиерка Кристен Михал повика да се преземат потребните чекори за затворање на источната граница на земјата со Русија. Повикот следува по обидот за палење на компанија за производство на беспилотни летала, за кој се тврди дека е поврзан со руската разузнавачка служба.

Москва ќе ги истражи извештаите дека Талин планира да ја затвори границата со Русија, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Таа оцени дека, доколку информациите се потврдат, тоа ќе претставува „уште еден бран на агресивна и неконтролирана русофобија“, пренесува РИА Новости.

Најавите од Талин и реакцијата од Москва дополнително ги зголемуваат тензиите во односите меѓу Русија и балтичките земји, во услови на засилени безбедносни мерки во Европа.

CATEGORIES
Share This