СЕМЕЈНА ФИРМА СО ДРЖАВНИ ПАРИ 1.400 брачни парови, украден дизел и милионски долгови

Контролата откри семеен непотизам, сомнежи за кражба на гориво, лажирани километри и масовни злоупотреби на боледувања.

СЕМЕЈНА ФИРМА СО ДРЖАВНИ ПАРИ 1.400 брачни парови, украден дизел и милионски долгови
Фото: Принтскрин

Невиден скандал со непотизам, корупција и финансиски злоупотреби ја потресе романската престолнина Букурешт, откако стечајната управа на градската компанија за јавен превоз STB откри шокантни неправилности кои со години ја туркале компанијата кон банкрот.

Според наодите на судскиот администратор Ремус Борза, дури 4.876 од вработените во компанијата се меѓусебно роднински поврзани. Меѓу нив има 1.400 брачни парови, додека 30 семејства имаат повеќе од десет членови вработени во истата компанија. STB се соочува со долг од 561 милион евра и оперативна загуба од 143 милиони евра во првите десет месеци од годината.

Еден од најсериозните наоди се однесува на потрошувачката на дизел. Според Борза, во документацијата биле прикажувани количини гориво за 20 проценти поголеми од реално потрошените, со што компанијата губела околу шест милиони евра годишно.

Дополнително, рачно пополнетите патни налози покажувале околу пет милиони километри повеќе годишно од податоците регистрирани во самите возила. Компанијата минатата година евидентирала и 176.000 дена боледување, а постојат сомневања дека дел од возачите во тој период работеле за туристички агенции.

Шокантни се и наодите за одржувањето на возилата. Од 500 мајстори, за време на една ненајавена контрола во 9:30 часот наутро, ниту еден не бил на своето работно место. При друга контрола, околу 30 работници наводно избегале преку оградата на погонот, стравувајќи дека пристигнала полицијата.

Борза открил и дека компанијата имала околу 1.500 сервисери, но немала соодветни лиценци за посериозни поправки на мотори и менувачи. По направените проверки, биле поделени 796 откази и укинати 919 непополнети работни места.

Во рамките на реорганизацијата биле укинати и десетици работни места за ложачи, статистичари, курири, секретарки и административни работници. Градоначалникот на Букурешт, Кипријан Чиуку, изјави дека STB со години акумулирала тешка финансиска состојба и дека градот ќе се обиде да ја спаси компанијата од банкрот, без да се наруши јавниот превоз.

Дополнителен скандал предизвикуваат и информациите за околу 3.000 сертификати за професионални заболувања издадени во компанијата, од кои околу 2.000 наводно овозможиле предвремено пензионирање поради инвалидитет.

CATEGORIES
Share This