РЕКОРДИ НА МАКЕДОНСКИТЕ АЕРОДРОМИ Најавени четири милиони патници, а Охрид би добивал по два авиони дневно со туристи

Скопскиот аеродром се очекува да надмине 3,6 милиони патници, додека за Охрид се подготвуваат големи чартер-тури со најмалку два авиона дневно и надвор од главната туристичка сезона, од октомври до мај.

РЕКОРДИ НА МАКЕДОНСКИТЕ АЕРОДРОМИ Најавени четири милиони патници, а Охрид би добивал по два авиони дневно со туристи
Фото: Национал

Македонските аеродроми бележат значителен раст на бројот на патници, а според очекувањата на Владата, позитивниот тренд ќе продолжи и во наредниот период. Зголемениот сообраќај е резултат на субвенционирањето нови авиолинии и инвестициите во аеродромската инфраструктура, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој посочи дека резултатите што првично биле планирани за 2030 година веќе се остваруваат во 2026 година, при што се очекува дополнително зголемување на бројот на патници и летови. Како една од главните причини за растот на охридскиот аеродром, Николоски ја посочи изградбата на новата терминална зграда и придружните објекти, со што, според него, практично е добиен нов аеродром кој со својата функционалност и изглед привлекува сè поголем број патници и туристи.

Раст бележи и скопскиот аеродром, за кој вицепремиерот очекува да достигне повеќе од 3,6 милиони патници во текот на годината.

„Она што било проектирано за 2030 година, веќе го постигнуваме во 2026 година и ќе продолжи да расте во следниот период. Во однос на скопскиот аеродром, исто така рушиме рекорди. Очекувам само скопскиот аеродром да помине 3,6 милиони патници и, ако имаме малку среќа, до крајот на годината да можеме да имаме една убава церемонија за четири милиони патници на двата аеродроми. Тоа, споредено со 2,4 милиони патници во 2024 година, е огромен скок“, изјави Николоски.

Покрај растот на редовниот авиосообраќај, Николоски најави и можност за воведување големи чартер-тури со странски туристи на охридскиот аеродром. Според најавата, станува збор за аранжмани што би овозможиле најмалку два авиона дневно да слетуваат во Охрид, и тоа надвор од главната туристичка сезона, во периодот од октомври до мај.

Вицепремиерот нагласи дека договорот сè уште не е официјално потврден, но дека разговорите се во напредна фаза и постои очекување оваа можност да се реализира во наредниот период.

„Она што е мое очекување, сè уште не сме потврдени, но мислам дека сме блиску, се големи чартер-тури, кои почнуваат да се прават во државата, кои би значеле најмалку два авиона дневно со туристи, надвор од сезоната, во периодот од октомври до мај. Очекувам тоа да го потврдиме во следниот период и да биде додадена вредност на охридскиот аеродром“, истакна Николоски.

https://nacionalno.mk/rekorden-rast-na-makedonskite-aerodromi-za-shest-meseci-dva-milioni-patnici/

CATEGORIES
Share This