НЕМАМЕ ШТО ДА РАЗГОВАРАМЕ СО РУСИЈА Естонија со нов удар врз Москва, забрана и за руските спортисти
Естонскиот премиер Кристен Михал порача дека европската безбедносна архитектура не е предмет на преговори со Путин, додека Талин донесе одлука за забрана на влез на руски и белоруски спортисти сè додека трае војната во Украина.

Естонскиот премиер Кристен Михал изјави дека европската безбедносна архитектура не може да биде предмет на преговори со Русија, обвинувајќи го рускиот претседател Владимир Путин дека се обидува да го одвлече вниманието на Европа од постигнувањето траен мир во Украина.
„Путин сака да разговараме за неговиот список на желби, наместо да се фокусираме на постигнување мир во Украина. Немаме за што да разговараме со Русија кога станува збор за европската безбедносна архитектура, која функционира совршено добро“, изјави Михал на неформалниот самит на Европскиот совет во Даблин, Ирска, пренесува естонскиот јавен сервис ERR News.
Тој нагласи дека промените што Европа сака да ги види се однесуваат на членството на Украина во Европската Унија и НАТО, како и на запирање на руските напади и убиства.
Во меѓувреме, Естонија презеде и конкретни мерки против руските и белоруските спортисти. Министерството за култура донесе одлука со која им се забранува влез во земјата поради руската воена агресија врз Украина, објави ERR.
Одлуката е соопштена во писмо испратено до Меѓународната скијачка и сноуборд федерација (FIS). Во него е наведено дека руските и белоруските спортисти, како и нивните национални тимови, не треба да учествуваат на меѓународни натпревари сè додека трае војната во Украина.
Во писмото се посочува дека естонската влада, Министерството за култура и Естонскиот олимписки комитет имаат усогласен став против учеството на спортисти од Русија и Белорусија на меѓународните спортски натпревари уште од почетокот на војната.

