РУСИЈА БАРА ФИНСКА ДА ИЗЛЕЗЕ ОД НАТО, ХЕЛСИНКИ ОДБИ Апсолутно е нечуено
Наводното руско барање било поврзано со мировните преговори за Украина, но финскиот министер за одбрана Анти Хаканен категорично порача дека членството во Алијансата не е предмет на никакви преговори.

Финска категорично го отфрли барањето на Русија за напуштање на НАТО, кое, според наводите, било предложено како дел од мировните преговори за Украина. Финскиот министер за одбрана Анти Хаканен порача дека членството на земјата во Северноатлантската алијанса не може да биде предмет на преговори со Москва, објави денеска „Политико“.
„Ваквите прашања не се предмет на преговори на никаков начин. Русија го знае тоа. Апсолутно е нечуено дури и да се предложи такво нешто“, изјави Хаканен.
Ставот на Хелсинки доаѓа во период на зголемени безбедносни тензии во Европа и продолжување на дипломатските напори за постигнување решение за војната во Украина.
Финска дели граница долга 1.340 километри со Русија, а во НАТО се приклучи во 2023 година, во историски пресврт на својата надворешна и безбедносна политика, предизвикан од руската инвазија врз Украина.
Со влезот на Финска во Алијансата, НАТО значително го прошири своето присуство долж руската граница, што дополнително ја промени безбедносната слика во северна Европа.
Пораката од Хелсинки е недвосмислена: членството во НАТО не е тема за пазарење со Москва, ниту дел од преговорите за Украина.

