ТРАМП ПОВТОРНО ЈА СПОМЕНА ВОЕНАТА ИНТЕРВЕНЦИЈА, КУБА ВОЗВРАЌА Подготвени сме да се браниме
По повторените изјави на американскиот претседател за можна воена интервенција на островот, кубанскиот претседател порача дека земјата е подготвена да се спротивстави на секоја странска агресија.

Куба се подготвува за можноста од американска воена агресија, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно ја отвори темата за можна воена интервенција на островот. Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел порача дека неговата земја нема да дозволи странска воена агресија и дека е подготвена да го брани својот суверенитет.
„Решени сме да отфрлиме секој обид за странска воена агресија против нашата земја“, изјави Дијаз-Канел вчера, за време на одбележувањето на Денот на националната одбрана, пренесува TeleSUR.
Во рамките на оваа активност, низ цела Куба беа организирани воени активности, како дел од подготовките за националната одбрана.
Кубанскиот претседател нагласи дека неговата земја е мирољубива држава, дека не претставува закана за ниту една друга земја и дека не ја загрозува националната безбедност на Соединетите Американски Држави.
Тензиите дополнително се подгреаја по изјавите на Доналд Трамп, кој повторно зборуваше за можноста за воена интервенција на Куба, наведувајќи дека сака прашањето за островот да биде решено пред истекот на неговиот претседателски мандат во јануари 2029 година.
Изјавите од Вашингтон и острата реакција од Хавана отвораат нови прашања за иднината на односите меѓу двете земји, кои со децении се оптоварени со политички и идеолошки судири.

