МИЦКОСКИ: ДОЈДОВМЕ ДО НУЛА Од сега очекувам раст

Прометот во индустријата е зголемен за над 5,5 отсто во споредба со третиот квартал лани, а позитивни се и показателите за домашниот и меѓународниот пазар

МИЦКОСКИ: ДОЈДОВМЕ ДО НУЛА Од сега очекувам раст
Фото: Принтскрин

Индустриското производство бележи позитивни движења, а прометот во индустријата е зголемен за повеќе од 5,5 отсто во споредба со третиот квартал минатата година. Ова го оцени премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека позитивните показатели се особено значајни ако се има предвид економската состојба во светот и Европската Унија, која е најголем трговски партнер на Македонија.

Мицкоски истакна дека растот на индустрискиот промет е забележан и на домашниот и на меѓународниот пазар, што, според него, претставува дополнителна потврда за претходно регистрираниот раст на извозот.

Тој не ја пропушти можноста да упати и политичка порака до опозицијата, оценувајќи дека позитивните економски показатели се лоша вест за оние кои, како што рече, сакаат земјата да бележи негативни резултати.

„Сите индикатори укажуваат на тоа што ние уште на самиот почеток го велевме, дека треба трпение, дека мора полека да ги консолидираме работите и еве конечно, по речиси две и пол години, дојдовме до точка нула, а бевме во длабок минус. Дојдовме до точка нула, онаму од каде што би требало да почне некој што е на власт, и од сега очекувам само раст“ изјави Мицкоски.

Премиерот сепак нагласи дека идниот економски развој не зависи исклучиво од домашните политики, туку и од состојбите во светската економија. Изрази надеж дека во блиска иднина ќе може да се зборува за поинтензивен економски развој. Мицкоски ова го изјави по увидот во градежните активности на проектот „Подобрување на системот за водоснабдување во руралната населба Каменик“, во Општина Кисела Вода.

„Бевме во длабок минус, сега сме на нула, а од сега очекувам само раст“, вели Мицкоски, кој позитивните економски показатели ги оцени како лоша вест за опозицијата.

CATEGORIES
Share This