КРАВИТЕ ОД КРИВА ПАЛАНКА СТАНАА СВЕТСКА ВЕСТ За нив известуваат „Еуроњуз“ и „Асошиејтед прес“
Стадо од повеќе од 1.000 говеда слободно се движи низ Крива Паланка, предизвикувајќи материјални штети и страв кај жителите.

Проблемот со кравите кои слободно се движат низ улиците и околината на Крива Паланка, предизвикувајќи штети и загриженост кај локалното население, доби меѓународно внимание. За необичната ситуација во македонскиот град известуваат и светски медиуми, меѓу кои „Еуроњуз“ и „Асошиејтед прес“.
„Асошиејтед прес“ објавува дека жителите на Крива Паланка се соочуваат со сериозен проблем со стадо говеда кое нараснало на повеќе од 1.000 животни. Според агенцијата, животните уништуваат имот и претставуваат закана за безбедноста на населението.
За проблемот известува и хрватскиот „Дневник“, повикувајќи се на прилог на „Еуроњуз“. Во објавата се посочува дека животните предизвикуваат материјални штети и вознемиреност кај локалните жители.
Поради сериозноста на ситуацијата, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, неодамна побара од Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба. Како образложение посочи дека општината нема доволно ресурси и капацитети самостојно да се справи со проблемот.
Така, проблемот со слободното движење на стотици крави во Крива Паланка, кој со месеци ги загрижува локалните жители, сега го привлече вниманието и на меѓународната јавност.

