БУЏЕТОТ ЗА 2027 ГОДИНА ТЕЖИ 440 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ За пензии 123,8 милијарди, за инвестиции 40,8 милијарди

Владата планира економски раст од 3,8%, инфлација од 3,2% и раст на просечната нето-плата од 6,7%.

БУЏЕТОТ ЗА 2027 ГОДИНА ТЕЖИ 440 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ За пензии 123,8 милијарди, за инвестиции 40,8 милијарди
Фото: Принтскрин

Предлог-буџетот за 2027 година предвидува вкупни расходи од 440,4 милијарди денари, приходи од 395,4 милијарди денари и буџетски дефицит од 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од бруто-домашниот производ (БДП).

Буџетот е насочен кон постепена фискална консолидација, поддршка на економскиот раст и реализација на капиталните инвестиции, а неговите главни параметри пред пратениците во Собранието ги образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Вкупните приходи се проектирани со раст од 5,7 проценти во однос на 2026 година, додека расходите ќе се зголемат за 4,8 проценти.

„Нашата определба останува јасна – постепена фискална консолидација, рационално и ефикасно трошење на јавните средства, подобра наплата на приходите и насочување на средствата кон развојни и продуктивни инвестиции“, истакна министерката.

Според владините проекции, економскиот раст во 2027 година треба да достигне 3,8 проценти, при што главен двигател ќе биде домашната побарувачка, особено зголемената инвестициска активност.

Бруто-инвестициите се очекува да пораснат за 6,8 проценти, приватната потрошувачка за 2,5 проценти, а јавната потрошувачка за 1,1 процент. Се проектира раст на извозот од 5,8 проценти и на увозот од 5,2 проценти. Просечната инфлација се очекува да изнесува 3,2 проценти, додека бројот на вработени би се зголемил за 1,2 проценти. Растот на просечната нето-плата е проектиран на 6,7 проценти.

Најголем дел од расходите се однесуваат на редовното исполнување на обврските кон граѓаните и финансирањето на јавните услуги. За исплата на пензиите се предвидени 123,8 милијарди денари, за здравствена заштита 58,7 милијарди, а за плати во јавниот сектор околу 57,2 милијарди денари. За трансфери до општините се планирани околу 36 милијарди денари, додека за социјална заштита на најранливите категории граѓани се обезбедени 14,3 милијарди денари.

Дополнително, за активните политики и мерки за вработување се предвидени 2,9 милијарди денари, наменети за отворање нови работни места и поддршка на вработувањето на младите, лицата со попреченост и корисниците на гарантирана минимална помош.

Капиталните инвестиции се издвоени како еден од главните развојни приоритети на Буџетот за 2027 година, за што се предвидени 40,8 милијарди денари. Во инфраструктурата продолжува реализацијата на проектите поврзани со Коридорите 8 и 10д, како и изградбата на автопатските делници Кичево–Букојчани, Кичево–Охрид и Скопје–Блаце.

Предвидени се и инвестиции во модернизација на железничката инфраструктура, вклучително и источниот дел на Коридорот 8 и заедничкиот железнички граничен премин Табановце. Во 2027 година треба да започнат и нови инвестициски активности, меѓу кои обновата на товарниот возен парк на Железници – Транспорт, дополнително финансирање за изградба на фискултурни сали и инфраструктурни проекти во високото образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Средства се предвидени и за реконструкција на студентските домови, изградба и реконструкција на училишта, дигитализација, енергетска ефикасност, модернизација на земјоделството и системи за наводнување.

Продолжуваат и проектите за комунална и енергетска инфраструктура, пречистителни станици, управување со отпадни води и обновливи извори на енергија, како и проектот за воведување брз автобуски превоз во Скопје.

Буџетскиот дефицит за 2027 година е проектиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП, согласно Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година. Министерката посочи дека финансирањето на дефицитот и отплатата на обврските што доспеваат ќе се обезбедуваат преку домашниот и меѓународниот финансиски пазар.

Посебно беше нагласено дека во 2027 година за отплата доспева еврообврзницата во вредност од 500 милиони евра, издадена во 2023 година. Владината определба е постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг преку подобра наплата на приходите, рационализација на расходите и поголема ефикасност при реализацијата на јавните инвестиции.

„Не е доволно само да планираме стабилни јавни финансии – наша обврска е тие да ги претвориме во видливи резултати, развојни инвестиции и подобри услови за живот на граѓаните“, порача Димитриеска-Кочоска.

БУЏЕТОТ ЗА 2027 ВЛЕГУВА ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА Над 300 амандмани, дефицит од 45 милијарди денари и капитални инвестиции од 40,8 милијарди

CATEGORIES
Share This