ЕВРОПА НЕ САКА ДА БИДЕ ИСКЛУЧЕНА ОД ПРЕГОВОРИТЕ ЗА УКРАИНА Формирана делегација, пет земји ќе ја претставуваат ЕУ
Покрај претставниците на европските институции, во делегацијата ќе учествуваат Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Полска.

Европа ќе испрати заеднички дипломатски тим во следната рунда преговори за Украина, со цел да обезбеди свое место на преговарачката маса и да избегне да биде исклучена од процесот за завршување на војната, кој во голема мера го предводат Соединетите Американски Држави.
Договорот за формирање европска делегација беше постигнат на неформалниот самит на Европската Унија во Даблин, посветен на улогата на Европа во идните преговори меѓу Украина, Русија и САД.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, потврди дека европскиот тим ќе вклучува претставници на Европската Унија, како и претставници на пет земји од таканаречената „Коалиција на волјата“ – Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Полска, објави АП.
„Мораме да дејствуваме заедно. Затоа е потребно да имаме тим и да дејствуваме со еден глас“, порача Кошта.
Според словачкиот премиер Роберт Фицо, европската делегација ќе ја сочинуваат двајца претставници на Европскиот совет, еден претставник на Европската комисија и претставници на петте држави. Фицо го поздрави договорот, оценувајќи дека Европската Унија конечно покажала политичка храброст да се договори за заедничко претставување во преговорите.
„ЕУ конечно најде храброст. Ова е огромен чекор напред“, изјави Фицо, но повтори дека Словачка нема да учествува во понатамошното кредитирање на Украина, иако ќе продолжи да обезбедува хуманитарна помош, пренесува ТАСР.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Полска ќе има клучна улога во европското учество во разговорите меѓу САД, Украина и Русија. Тој посочи дека на состанокот во Даблин речиси сите учесници ја поддржале идејата за форматот „Е5“, составен од Полска, Велика Британија, Франција, Германија и Италија, заедно со лидерите на европските институции.
Туск нагласи дека една од главните теми на разговорот била токму прашањето кој ќе ја претставува Европа на преговарачката маса и како европските држави ќе обезбедат заеднички настап во процесот за завршување на војната во Украина, објави полската агенција ПАП.
Со договорот од Даблин, Европа испраќа порака дека не сака да остане само набљудувач на преговорите за иднината на Украина, туку бара директно учество и влијание врз одлуките што ќе ја одредат безбедносната архитектура на европскиот континент.

