ПОЛИЦИЈАТА ЌЕ МОЖЕ ДА ВЕ ОТСТРАНИ ОД ДОМОТ ЗА 48 ЧАСА ПОРАД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Судот може да ја продолжи мерката до 30 дена

Од Богданци до новите законски мерки, дали институциите конечно ќе реагираат побрзо

ПОЛИЦИЈАТА ЌЕ МОЖЕ ДА ВЕ ОТСТРАНИ ОД ДОМОТ ЗА 48 ЧАСА ПОРАД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Судот може да ја продолжи мерката до 30 дена
Фото: Принтскрин

Построги мерки против семејното насилство предвидуваат предложените измени на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешниот брифинг. Според предложеното законско решение, доколку полициски службеник утврди дека постои сериозен ризик од насилство врз жртвата, ќе може со усна наредба да го отстрани потенцијалниот сторител од домот во времетраење од 48 часа.

Мерката ќе важи независно од тоа во чија сопственост е домот. Усната наредба најдоцна во рок од шест часа ќе треба да биде изготвена во писмена форма и доставена до сторителот. Истовремено, ќе бидат известени Центарот за социјална работа и судот, кој потоа ќе одлучува дали отстранувањето ќе биде продолжено до 30 дена.

Предложените измени предвидуваат и воведување електронски нараквици, со кои ќе се овозможи дополнителен надзор над сторителите на семејно насилство. Од МВР објаснуваат дека оваа мерка треба да придонесе за поефикасна превенција и контрола, но нагласуваат дека ниту една законска измена сама по себе не може целосно да го искорени семејното насилство.

Тошковски посочи дека воведувањето електронски нараквици било планирано и пред пратеничката и претседателка на ЛДП да започне со собирање потписи за оваа иницијатива. На брифингот беа презентирани и статистички податоци за периодот од 2021 до 2026 година.

Според податоците на МВР, најчести жртви на семејно насилство се жените, пред сè сопругите, партнерките во вонбрачни заедници и мајките. Само во текот на оваа година се поднесени 1.450 кривични пријави за вкупно 1.489 кривични дела, што претставува зголемување од над 50 проценти. Најголем дел од регистрираните случаи се на подрачјето на СВР Скопје, каде што се евидентирани околу 20 проценти од делата.

Предложените законски измени доаѓаат во период на сериозни загрижености поради случаите на фемицид во земјава. Според изнесените податоци, годинава се регистрирани околу седум случаи со смртен исход. Јавноста особено беше вознемирена од трагичниот случај во Богданци, кој заврши со убиство и самоубиство. Од МВР информираа дека истрагата за овој случај сè уште е во тек.

Во меѓувреме, во соседно Косово, по сличен трагичен случај, следуваа оставки на полициски директори, а најмалку 11 полициски службеници биле отпуштени од работа. Предлог-законот е веќе доставен до Собранието и се очекува наскоро да влезе во собраниска процедура.

CATEGORIES
Share This